Недела, 1 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Судија ја отфрли тужбата на Трамп против „Волстрит џурнал“ за 10 милијарди долари

Американскиот судија Дарин Гејлс ја отфрли тужбата што претседателот Доналд Трамп ја поднесе против весникот „Волстрит џурнал“, барајќи 10 милијарди долари отштета поради објавен текст за наводно роденденско писмо до осудениот сексуален престапник Џефри Епстин. Судијата оценил дека аргументите во тужбата се „фаќање за сламки“.

Трамп лани ја тужеше матичната компанија на весникот, „Дау Џонс“, како и нејзиниот сопственик Руперт Мардок, откако „Волстрит џурнал“ објави писмо што, според весникот, Трамп му го напишал на Епстин во 2003 година, како дел од честитката за неговиот роденден. Тоа било пред Епстин да биде обвинет за сексуални злосторства, објави Би-би-си.

Трамп негираше дека го напишал или потпишал писмото, во кое имало сугестивен текст и цртеж со контури на женско тело.

Судијата Гејлс ја отфрли тужбата, оценувајќи дека таа не ги исполнува потребните правни услови и дека е спротивна на заштитата на слободата на печатот што ја гарантира Првиот амандман на американскиот Устав.

Гејлс претходно отфрли и тужба за клевета со која Трамп бараше 20 милијарди долари отштета. Неговиот правен тим потоа поднесе нова тужба, со барање за 10 милијарди долари, која судијата овојпат ја отфрли со конечна важност, што значи дека таа не може повторно да биде поднесена.

Трамп тврдеше дека писмото со неговиот потпис, кое го добил и објавил „Волстрит џурнал“, е лажно и дека обвинетите ја измислиле приказната со цел да го оцрнат.

Според весникот, писмото содржело неколку реда отчукан текст, врамен со рачно нацртана контура на гола жена, исцртана со дебел маркер.

Во наводната роденденска честитка до Епстин имало и хумористична референца за „енигмите што никогаш не стареат“, а писмото завршувало со зборовите: „Пријателот е прекрасно нешто. Среќен роденден – и нека секој ден биде уште една прекрасна мистерија“.

Поврзани вести