Славески: Започна исплатата на средствата на клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола

Утрово започна исплатата на средствата на граѓаните кои имаат платежни сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, а не располагаат со платежни картички, со посебен приоритет на пензионерите и примателите на социјална помош, информираше гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на средбата со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ), Станка Трајкова, и директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Никола Мемов.
Од Народната банка соопштија дека исплатата на средствата се одвива непречено. Иако за денеска преку СМС-пораки биле повикани околу 400 граѓани, на шалтерите се услужуваат и граѓаните кои немаат оставено телефонски број за контакт, а самостојно дошле да ги подигнат средствата
. Согласно со утврдените ограничувања, граѓаните можат да повлечат до 20.000 денари, во рамките на максимално дозволениот износ за период од две недели.
Гувернерот посочи дека Народната банка работи и на создавање услови за организирање исплата на средствата преку шалтери и во други градови во земјата, со цел да им се олесни пристапот на пензионерите и примателите на социјална помош до нивните средства.
„Ги разбираме загриженоста и потребата на граѓаните да располагаат со своите средства, особено кога станува збор за пензиите, платите и средствата наменети за намирување на секојдневните животни потреби. Сакам уште еднаш јасно да нагласам дека средствата на клиентите и понатаму се наоѓаат на нивните сметки во ‘АЛТА банка’ АД Битола. Привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со средствата и се воведени со цел да се зачуваат ликвидноста и стабилноста на Банката и да се заштитат интересите на сите нејзини клиенти“, истакна гувернерот Славески.
Гувернерот Славески, директорот на ПИОМ, Мемов, и претседателката на СЗПМ, Трајкова, ги повикаа пензионерите да бидат спокојни дека исплатата на средствата на пензионерите и примателите на социјална помош е приоритет во активностите на Народната банка. Воедно, беше посочено дека се работи и на изнаоѓање решенија за постепено обезбедување на другите банкарски услуги во најкус можен рок.
Гувернерот Славески нагласи дека Народната банка континуирано презема активности за надминување на настанатата состојба и изнаоѓање соодветни решенија коишто ќе овозможат постепено и безбедно олеснување на располагањето со средствата на граѓаните и компаниите.
На средбата беше истакната и важноста на континуираната комуникација и соработката со здруженијата на пензионерите, како значајни партнери во навременото информирање на граѓаните и заштитата на нивните права како корисници на платежните услуги.



