Социјални пакети за 50 пензионери во социјален ризик, Центар продолжува грижата за повозрасните граѓани, порача Герасимовски

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со Црвениот крст, подели социјални пакети со прехранбени производи на 50 пензионери со минимални пензии.
„Солидарноста и грижата за повозрасните граѓани треба да бидат наша секојдневна обврска. Во време кога изостанува потребната социјална грижа од државата, ние како локална самоуправа сме тука да помогнеме.

Годинава ја зголемивме еднократната финансиска помош за пензионерите на 5.000 денари, како што и ветивме. Со овие пакети сакаме да им дадеме дополнителна поддршка на нашите пензионери, особено во пресрет на новогодишните празници. Ова е дел од низата хуманитарни активности што ги подготвуваме во овој период“, порача Герасимовски.

Со оваа акција Општина Центар ја потврдува посветеноста на социјална поддршка за најранливите категории граѓани. Преку соработката со Црвениот крст, општината продолжува да ја поттикнува солидарноста и хуманоста, затоа што и малата помош може да значи многу за оние на кои им е најпотребна, се додава во соопштението од Општината.



