Чеферин: Со Омерагиќ имаме одлична соработка, македонскиот фудбал е во добри раце

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александар Чеферин, во интервју за Фудбалската федерација на Македонија говори за одличните односи со ФФМ и претседателот Масар Омерагиќ, инвестициите во фудбалската инфраструктура, солидарноста во европскиот фудбал и рамноправната позиција на сите национални федерации во УЕФА.
Чеферин, кој престојуваше во Македонија на покана на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ и го следеше натпреварот меѓу Македонија и Словенија од Лигата на нации, не го криеше задоволството од повторната посета на нашата земја. Посебен повод за средбата беше и роденденот на претседателите на двете фудбалски федерации, Масар Омерагиќ и Раденко Мијатовиќ.
Првиот човек на европскиот фудбал испрати јасна порака за довербата во раководството на ФФМ, нагласувајќи дека македонскиот фудбал е во добри раце. Тој ја истакна и важноста од трпение и континуирана работа во процесот на создавање конкурентна репрезентација.
„Луѓето постојано ги гледаат само резултатите на А репрезентацијата, но мора да разберат дека тоа е процес. Доаѓам од земја со приближно иста големина како Македонија и знам дека е потребно време за да се создаде вистинската генерација за вистински резултати. Македонската федерација се движи во вистинска насока. Колку што сум запознаен, ја подмладивте репрезентацијата и сметам дека јавноста треба да ви даде малку време. Македонија повторно ќе игра на Европско првенство“, порача Чеферин.
Претседателот на УЕФА посебно ја потенцираше добрата соработка со Масар Омерагиќ, за кого смета дека е одличен избор за прв човек на македонскиот фудбал.
„Тој е остроумен, го разбира фудбалот, но и спортско-политичките односи. Со него нема потреба многу да се објаснувам. Често сме во контакт, но не трошиме многу време бидејќи се му е јасно. Затоа сум сигурен дека македонскиот фудбал е во добри раце“.
кои се соочуваат помалите федерации и потребата од поголема поддршка од државните институции и локалните самоуправи. Тој нагласи дека средствата од европската куќа на фудбалот се контролираат и дека федерациите во најголем дел ги користат домаќински и одговорно.
Во интервјуто, првиот човек на УЕФА ја истакна и суштината на европскиот модел на солидарност, според кој секоја национална федерација има еднаков глас и рамноправна позиција, без оглед на големината на земјата или фудбалската моќ.
„Македонската федерација не е само обичен член на УЕФА, туку подеднакво валиден член како Англија, Германија, Франција или Италија. Секоја година правиме се повеќе на полето на солидарноста. За солидарност издвојуваме над 240 милиони евра, наменети за клубовите кои не учествуваат во европските натпреварувања. Имаме огромен буџет, а дури 97 проценти од средствата се враќаат назад во фудбалот“, истакна Чеферин.
Тој потврди дека ќе ја продолжи својата работа на чело на УЕФА, посочувајќи дека добил поддршка од сите 55 национални федерации членки, а како свој главен приоритет ја наведе заштитата на фудбалот и зачувувањето на солидарниот модел на европската фудбалска организација.
Izvor i foto/ ffm.mk

