(Видео) Митева: Незаконски наплатените средства од компаниите за брзи кредити се враќаат кај над 26.000 граѓани

Повеќе од 26.000 граѓани низ Македонија ќе добијат поврат од над 140 милиони денари, кои незаконски им биле наплатени од финансиските друштва за брзи кредити. Портпаролката на Владата, Марија Митева, посочи дека надзорот ги опфатил сите 27 лиценцирани финансиски друштва.
Митева соопшти дека Државниот пазарен инспекторат за првпат спровел надзор од ваков обем.
„Знаевме дека отвораме едно од најгорливите прашања за многу семејства. Знаевме што значи кога до крајот на месецот треба да се платат сметките, да се обезбеди сè што му е потребно на семејството и да се најдат средства за ратата. А кога со секоја опомена доаѓа нов трошок, притисокот врз тие семејства станува уште поголем.
Институциите работеа тивко, посветено и со целосен фокус. Само четири месеци по преземената обврска, денес ние го имаме резултатот. Морам да потенцирам дека за првпат Државниот пазарен инспекторат спроведува надзор од ваков обем. Во овој сектор, ги опфати сите 27 лиценцирани финансиски друштва. За незаконските постапувања кај утврдените неправилности ќе оставам простор да информираат директорот и министерот.
Она што за нас како Влада е исклучително важно е што со донесените решенија, овие друштва се задолжени да вратат над 140 милиони денари на повеќе од 26.000 граѓани низ целата држава“.




