(Видео) Синдикатот на културни работници протестира пред Уставниот суд

Синдикатот на културни работници протестира пред Уставниот суд поради колективниот договор.
Од СКМ велат дека намерата да се укине Колективниот договор за културата со политичка наредба, преку Уставниот суд ќе отвори пандорина кутија.
„Укинувањето на еден Колективен договор само затоа што во истиот има уредено право на плата, отвара можност во наредниот период да се укинуваат колективни договори кои не се по теркот на власта и тоа без ограничувања. Ова е борба за правна и социјална сигурност, борба за достоинство, еднаквост и почитување на трудот на сите културни работници. Не дозволуваме културата да биде обезвреднета, а работничките права избришани“, велат културните работници.
Велат дека нивното присуство е порака дека зад овие права стојат луѓе, професионалци и институции кои нема да молчат кога се доведува во прашање нивната иднина.
Повод за протестниот собир е постапувањето на Уставниот суд во врска со уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, од чиешто опстојување зависат стекнатите работнички права на илјадници вработени во културата.



