ВМРО-ДПМНЕ: СДС бега од одговорност бидејќи со ДУИ ја отвораа вратата за Алта банка

Заеднички именител на Филипче и неговиот ментор од Струмица се лагите, манипулациите и корупциските скандали, СДС бега од одговорност бидејќи со ДУИ ја отвораа вратата за Алта банка, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес – конференцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на која објави дека е поднесена интерпелација за гувернерот, Трајко Славески.
„Венко, како и неговиот газда од Струмица, манипулира и се однесува неодговорно во континуитет. Ако некој се прашува што ги поврзува еден неврохирург и еден бизнисмен-политичар од Струмица, освен тоа што се склони кон распродажба на идентитетот, склони се и кон лажење и корупција. Филипче, доста со политички претстави. Прво СДС и Филипче обвинуваа, па самите се најдоа во ситуација да објаснуваат зошто токму во нивно време биле направени чекори поврзани со продажбата на акциите. Ги претставуваа Давор Мацура и Алта банка како спорни, за на крајот да се испостави дека тие биле првите што дозволиле да се купат акции од Македонија. Второ, ширеа приказни за наводна забрана на Алта банка за работа во Европската Унија поточно во Австрија, за на крајот да излезе дека немале забрана за работа, туку добиле прекршочна казна од австрискиот регулатор. Трето, ја плашеа јавноста со сценарија за пропаѓање на банката и губење на штедните влогови, а откако сите видовме дека банката е ликвидна и дека нема да пропадне, а дека државата се става во заштита на граѓаните, тргнаа со лични напади и лаги“, се наведува во реакцијата.
СДС и Филипче бараа надзорна расправа во Собранието, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, па откако истата веднаш беше прифатена, ја одложија за една недела, продолжетокот на истата го закажаа 2 недели подоцна од првата.
„Толку од итноста и грижата на СДС и Филипче. Филипче и СДС молчат и не кажуваат зошто во 2023 година не излегоа на прес-конференција да ги известат граѓаните дека ќе ги продадат државните акции, на како што тие тврдат, криминалецот Мацура и неговиот сомнително стекнат капитал во Алта банка. Филипче е нервозен затоа што ќе се најде решение за Алта банка, во време на СДС банките пропаѓаа, се затвораа, а блиски до кланот Заеви се богатеа. Архитекти и главни подизведувачи на српскиот свет во Македонија се Венко Филипче и СДС“, пишува во реакцијата.



