Недела, 22 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

ЗНМ: Смртни закани кон новинарот Кристијан Ландов, бара итна истрага и одговорност

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осуди заканите по живот упатени кон новинарот Кристијан Ландов на социјалните мрежи, кои, според здружението, започнале по објавувањето на епизода од неговиот подкаст „Претрес“, посветена на неодамнешниот инцидент во Охрид.

Од ЗНМ информираат дека во коментари на Фејсбук, два профила му упатиле заканувачки пораки на Ландов, алудирајќи на оштетување на неговиот автомобил и можност тоа да предизвика сообраќајна несреќа.

„Во коментар на Фејсбук, профилот „Ivica Misajle“ му порачува на Ландов: „aj malce namali (…) da ne ti lizni kolata a mlado dete si“. Во одговор, профилот „Ilija Ile Krsteski“ додава дека „ке му одвртат некој штрав од некое колце“. Пораките, очигледно, алудираат на оштетување на неговиот автомобил што може да заврши со сообраќајна несреќа“, велат од ЗНМ.

Ландов ги пријавил заканите во полиција, а ЗНМ бара од Министерството за внатрешни работи и од надлежното јавно обвинителство итно да спроведат истрага, да ги идентификуваат авторите и да ги процесираат согласно законот.

Од здружението потсетуваат дека со измените на Кривичниот законик, заканите и нападите врз новинарите се третираат како напади врз службени лица, за кои се предвидени построги казни и гонење по службена должност.

ЗНМ предупредува и на атмосферата во која, како што наведува, Независниот синдикат на полицијата (НСП) упатува паушални обвинувања кон медиумите. Во објава од 19 ноември, напишана во име на синдикатот од страна на Мартин Ефремов, полициските службеници од Охрид се претставени како „мета на оркестрирани медиумски напади“, кои, според објавата, веројатно имаат цел да го обесхрабрат нивното постапување и да ја вратат контролата врз градот на криминалните структури.

Во последователното соопштение, синдикатот зборува за „медиумско етикетирање“ и „медиумски линч“, порачувајќи дека „информирањето не смее да се претвори во шоу за лајкови“. Притоа, не посочува конкретен новинарски прилог или медиум.

Од ЗНМ оценуваат дека ваквите генерализирани обвинувања се неодговорни и предупредуваат дека претставувањето на новинарското известување како оркестрирана кампања во корист на криминалните структури може да поттикне говор на омраза и напади врз новинарите.

Особено загрижувачки, според здружението, е тоа што ваквите пораки доаѓаат од организација на полициски службеници, иако полицијата има обврска да ја гарантира безбедноста на новинарите.

ЗНМ посочува дека доколку синдикатот или кој било друг смета дека одреден новинар или медиум објавил неточни, неетички или непрофесионални содржини, може да побара оценка преку постојните саморегулаторни механизми, односно преку Советот за етика во медиумите на Македонија или Советот на честа при ЗНМ.

Дополнително, ЗНМ бара од Секторот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР да ги испита јавните објави на претставниците и членовите на Независниот синдикат на полицијата и да утврди дали тие се во согласност со професионалните и етичките стандарди што важат за полициските службеници. Од здружението бараат авторите на објавите да сносат одговорност.

Поврзани вести