Зошто обвинителот Арнаудоски сѐ уште го води предметот за Сара, кој ќе ја испита неговата непристрасност и интегритет, прашуваат од Левица

Откако во јавноста се појавија информации дека предметот му бил одземен на обвинителот Стојанче Арнаудоски, сега се потврдува дека тој продолжува да постапува. Во меѓувреме, до Левица пристигнаа информации дека Арнаудоски е семеен пријател на Гоце и Љубинка Корабоски, односно на “угледната“ вмровска фамилија. Дополнително, до Левица пристигнуваат и информации за отсуство на професионален интегритет кај овој обвинител, односно дека важи за еден од најкорумпираните обвинители, истакнуваат од Левица.
Прашуваат, која му е стратегијата на Арнаудоски, но и на ДПМНЕ.
„Дали планира да го води случајот зависно од реакциите на јавноста, односно „да се случува одговорност“ само додека јавноста реагира? Дали воопшто ќе ја прошири истрагата после сериозните грозоморни наводи кои излегоа во јавноста? Како е можно тешката телесна повреда одеднаш да стане “обична“ телесна повреда“.
Од партијата оценуваат дека е поразително што во случај со вакви, како што велат, монструозни сведоштва, ревноста евентуално се појавува дури откако јавноста ќе крене тревога.
„Правдата не смее да функционира како апарат за гаснење пожари, односно да се активира кога ќе избувне скандал, а да згасне кога ќе стивне револтот! Најопасниот исход би бил јавниот гнев да се истроши, а со него да исчезне и решителноста. Ниту времето смее да биде сојузник на насилникот, ниту обвинителската дискреција засолниште за евентуалните помагачи.
Бараме одговори од Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески: Зошто после сѐ предметот продолжува да го води Арнаудоски“.



