Во текот на септември ЈП „Лајка“ заловило 172 бездомни кучиња во Скопје, од кои 124 се стерилизирани/кастрирани, 44 се вдомени, а 105 се вратени на локацијата каде биле заловени.
Во Општина Аеродром во текот на месецот беа заловени 25 кучиња. Од подрачјето на Општина Бутел беа заловени и третирани вкупно 39 кучиња, во Општина Гази Баба – 18 кучиња, во Општина Ѓорче Петров 15 кучиња.
Во текот на септември, од подрачјето на Општина Карпош беа заловени и третирани 24 кучиња, а тимовите на ЈП Лајка заловија и третираа 29 кучиња од територијата на Општина Кисела Вода.
Од различни локации на територијата на Општина Центар беа заловени и третирани вкупно 23 кучиња, додека од територијата на Општина Чаир беа заловени и третирани 2 кучиња.
„Секое заловено куче поминува низ ветеринарен преглед и, согласно неговата состојба и програмата на ЈП Лајка, соодветен ветеринарен третман, стерилизација/кастрација, вакцинација против беснило, микрочипирање и идентификација“,велат од претпријатието.
Во септември, теренските тимови на ЈП Лајка беа дополнително ангажирани во пресрет на Скопскиот маратон и „Бела ноќ“. Активностите биле насочени кон централното градско подрачје и долж трасата на маратонот, каде поголем број бездомни кучиња беа привремено згрижени во прифатилиштето. Целта била превентивно да се обезбеди безбедно одвивање на настаните за граѓаните и учесниците, а истовремено и безбедност на самите кучиња во услови на зголемена фреквенција на луѓе и сообраќај.
Во септември, ЈП Лајка за првпат ја организираше теренската работа со четири екипи за заловување, со активности во проширен временски период од 05:00 до 20:00 часот.
„Екипите стратешки делуваа на територијата на Кисела Вода, Центар и Гази Баба, согласно однапред утврден план за заловување. Паралелно со планираните активности, продолжи и ургентното постапување по пријави од граѓани, општини и институции на целата територија на Скопје, во првиот можен момент, а најдоцна во рок од 24 часа“, велат од ЈП Лајка.
Во септември, вкупната бројка на вдомени кучиња е 44 од кои 14 се кучиња кои во „Лајка“ престојувале со години. Четири кучиња, пак, биле привремено згрижени.







