Дрон ја снимил тактиката на Покетино

Необичен инцидент се случи во тренинг центарот на Манчестер Јунајтед, каде што со дрон беше снимен првиот тренинг на новиот менаџер Маурисио Покетино.
12-минутното видео се појави на „YouTube“, а на него можат да се забележат тактичките идеи на аргентинскиот стручњак пред големото дерби со Ливерпул.
Покетино седна на „најжешката“ клупа во светот на фудбалот, но неговиот почеток на клупата на Манчестер Јунајтед беше обележан со инцидент каков што ретко се гледа.
Непознато лице користеше дрон за да го сними тренингот на фудбалерите на Јунајтед во тренинг центарот Карингтон, а материјалот потоа беше објавен на „YouTube“ каналот „CC Overview“.
Посебно внимание привлече фактот што видеото открива одредени тактички детали што новиот тренер се обидуваше да ги спроведе пред неделното гостување на Ливерпул на Енфилд.
Иако околу Карингтон има предупредувања дека снимањето со дрон е забрането, авторите на видеото тврдат дека не го прекршиле законот.
„Тоа е неограничен воздушен простор, што значи дека секој може да лета над таа област. Дронот цело време бил во видното поле на операторот, не летал над луѓе или во нивна непосредна близина, па затоа летот бил целосно легален и во согласност со правилата на Британската управа за цивилно воздухопловство (CAA)“, изјавија претставниците на каналот.
Тие додадоа дека дронот бил соодветно обележан и дека ги имале сите потребни дозволи и осигурување.
„Што се однесува до откривањето информации за тимот и тактиките, помина само половина час од почетокот на првиот тренинг на новиот тренер. На тренингот имаше многу претставници на медиумите, па сигурно не сме единствените што го објавија видеото“, рекоа авторите.
Сепак, во нивното објаснување има сериозна нелогичност, бидејќи првиот тренинг на Покетино беше затворен за јавноста.
Ова дополнително го поставува прашањето за безбедноста на тренинг центарот и начинот на кој снимките од тактичките подготовки стигнаа до јавноста непосредно пред едно од најголемите дербија во англискиот фудбал. Манчестер Јунајтед сè уште не дал официјална изјава во врска со инцидентот.
Foto/ Depositphotos



