Федерика Брињоне ја заврши кариерата

Федерика Брињоне стави крај на богатата кариера во алпското скијање. Италијанската скијачка федерација сподели видео во кое двократната олимписка шампионка ја објави тешката одлука.
„По овие два дена на снегот, сфатив дека ногата сè уште не ми е добро. Прво, премногу ме боли. Затоа решив да ја завршам спортската кариера и повеќе да не се натпреварувам, иако тоа е многу тешка одлука“, рече 36-годишната Брињоне и додаде:
„Сепак, навистина би сакала уште еднаш да ја отворам стартната порта за да се збогувам со овој свет што го сакам и обожавам и да ги поздравам сите. Ќе ве известам каде и кога. Ќе се видиме наскоро“, напиша Италијанката.
Федерика Брињоне се натпреваруваше во велеслалом, супервелеслалом, спуст и алпска комбинација. Таа е првата Италијанка што го освои Големиот кристален глобус.
Тоа беше во сезоната 2019/20, додека пет години подоцна таа додаде уште една победа во генералниот пласман на Светскиот куп. Кога станува збор за мали глобуси, таа освои два во велеслалом и по еден во супервелеслалом, спуст и алпска комбинација.
Брињоне доживеа ужасна несреќа за време на тренинг во Вал ди Фаса во април 2025 година. Потоа претрпе повеќекратни скршеници на левата нога (тибија и фибула), заедно со оштетување на лигаментите. Сепак, таа успеа да се врати за Зимските олимписки игри 2026 во Милано и Кортина.
Таму ги освои златните медали во супервелеслалом и велеслалом, дисциплина во која освои и сребро во Пекинг 2022 и бронза во Пјонгчанг 2018. Меѓу нејзините олимписки медали, таа има и бронза во алпска комбинација од Пекинг.
Foto/ Depositphotos
