Среда, 4 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Фудбалерите побараа викендов во Шпанија да не се играат натпревари

Шпанскиот фудбал би можел да застане овој викенд поради смртта на 30-годишниот Хесус де Мигел, напаѓачот на Тенерифе, кој почина по судир со противничкиот голман за време на натпреварот против Андора.

Ла Лига ја разгледува можноста за одложување на натпреварите од првата и втората лига, а конечната одлука треба да биде позната во текот на утре или во четврток.

Иницијативата за прекин на натпреварувањето ја покрена Здружението на шпански фудбалери (АФЕ), кое побара од Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ), Ла Лига и УЕФА да ги одложат сите натпревари во Шпанија од 3 до 9 ноември.

Фудбалерите бараат колото да биде одложено

„Смртта на нашиот колега Хесус де Мигел е непоправлив удар за целото фудбалско семејство. Веруваме дека има моменти кога фудбалот мора да престане“, соопшти АФЕ.

Ла Лига почна да го разгледува барањето, а можните последици и пречки беа дискутирани и во емисијата „Ел Ларгеро“ на радио станицата „Кадена СЕР“.

Еден од проблемите се договорните обврски кон телевизиските компании и спонзорите, можните финансиски казни и веќе пренатрупаниот распоред на натпревари.

Сепак, одложувањето на 12-то коло од првата и 13-то коло од втората шпанска лига се споменува како една од можностите.

Трагична смрт по судир на натпревар

Де Мигел почина во понеделник откако се судри со голманот на Андора, Хесус Овоно, во завршната фаза од натпреварот во втората шпанска лига. Голманот истрча од голот да спречи контра напад, се судри со напаѓачот, при што фудблерот на Тенерифе добил удар градите со коленото.

Де Мигел доживеа срцев удар веднаш на теренот. Медицинскиот тим се обиде да го реанимира на теренот, по што е префрлен во болница, каде што почина. Имаше 30 години.

X (Twitter)

😱 Así fue el golpe de Owono sobre Jesús de Miguel que dejó fulminado en el suelo al jugador del Tenerife #LALIGAHYPERMOTION pic.twitter.com/6xWHg7OwRF

— Diario AS (@diarioas) November 2, 2026

Погледни на X

Натпреварот беше прекинат, а Овоно доби директен црвен картон за инцидентот. Шпанската федерација веќе ги одложи натпреварите од Кралскиот куп и Кралскиот куп закажани за вторник, а натпреварите од европските натпреварувања во Шпанија започнаа со едноминутно молчење.

Сега се чека одлука за евентуалното одложување на целото коло во првиот и вториот ранг на шапнскиот фудбал.

Поврзани вести