„Никогаш нема да го видите Шумахер“

Помина повеќе од една деценија од тешката несреќа на Михаел Шумахер на скијање, но здравствената состојба на легендарниот возач на Формула 1 е сè уште една од најголемите мистерии во светот на спортот.
Од 2013 година, семејството на седумкратниот светски шампион не дава никакви информации за неговото закрепнување, а германскиот телевизиски водител Флоријан Кениг, долгогодишен пријател на Шумахер, верува дека е време јавноста да ја прифати таквата одлука.
Кениг (59), едно од најпознатите лица на германскиот „RTL“, во интервју за „Билд“ изјави дека го разбира огромниот интерес на навивачите, но и дека не очекува семејството некогаш да објави детали за здравствената состојба на Шумахер или негови нови фотографии.
„За сè одлучуваат исклучиво најблиските членови на семејството, односно сопругата Корина, ќерката Џина и синот Мик. Дури и да дознаам нешто, од лојалност кон Михаел, би го чувал за себе. Затоа и не ги прашувам членовите на семејството ништо“, рече Кениг.
Германскиот новинар нагласи дека семејството уште од самиот почеток јасно ставило до знаење дека сака целосна приватност, поради што не се обидува да дознае никакви детали, дури ни кога разговара со роднините на Шумахер.
„Сите членови на семејството многу брзо по несреќата на Михаел јасно ставија до знаење дека не сакаат да споделуваат детали со јавноста. Јас сè уште ја почитувам таа желба, која Корина лично ми ја пренесе. Не разговарам за ова со неговиот син Мик или со неговиот брат Ралф, иако сме во редовен контакт“, објасни Кениг, како што објави „Спорт клуб Словенија“.
Тој е свесен колку многу Шумахер значел за милиони фанови на автомобилизмот, особено за време на неговата доминација во Ферари, но верува дека емоциите на навивачите не можат да бидат поважни од желбите на неговото семејство.
„Ги разбирам луѓето, особено оние кои ја следеа Формула 1 секоја недела и ги слушаа италијанската и германската химна кога Шумахер победуваше за Ферари.
Но, одлуката е во рацете на семејството, кое е длабоко и лично погодено од сето ова. Тие така одлучија и тоа е нивно право. Ајде сите да го почитуваме тоа“, заклучи германскиот новинар.
Сопругата на Шумахер, Корина, со години избегнуваше јавно да зборува за здравјето на својот сопруг. Сепак, во документарецот на Нетфликс од 2021 година, таа изговори реченица што особено ги погоди фановите на легендарниот Германец.
„Михаел е тука. Можеби е различен, но сè уште е со нас. Тоа ни дава сила.“
Да ве потсетиме дека на крајот на декември 2013 година, Шумахер доживеа сериозна повреда на главата додека скијаше на Француските Алпи. Оттогаш, тој не се појави во јавноста, а информациите за неговото здравје се исклучително ретки.
Некои медиуми со години тврдат дека легендарниот возач е речиси целосно неподвижен, но таквите тврдења никогаш не беа официјално потврдени.
Според неофицијални информации, за Шумахер се грижи тим медицински експерти, додека престојува во семејни резиденции во Гланд, Швајцарија, и Мајорка, Шпанија.
И покрај огромниот јавен интерес, семејството останува цврсто во својата одлука да ја заштити неговата приватност по секоја цена.
Foto/ Depositphotos



