Сојузот на спортови на Скопје ги додели наградите „13 Ноември“, каратистот Матеј Белистојаноски одликуван за најдобар спортист

Сојузот на спортови на Скопје ја одржа 57. свеченост за доделување на традиционалните награди „13 Ноември“, со кои се оддава признание на спортисти, тренери, спортски работници и организации за нивните достигнувања и придонес во развојот и унапредувањето на спортот.
На денешната свеченост, која се одржа во конференциската сала на Спортскиот центар „Јане Сандански“, беа доделени девет награди, на предлог на Комисијата за награди и признанија и со одлука на Извршниот одбор на Сојузот.
За најдобар спортист е прогласен каратистот Матеј Белистојаноски, кој оствари одлични резултати на меѓународната спортска сцена. Тој освои прво место на натпреварувањето Серија А во Тбилиси, златен медал на Европското првенство во карате за У21 во Лимасол, како и златен медал на Медитеранските игри во Таранто.
Меѓу добитниците на наградите е Дејан Боневски, професор по физичко образование и спорт во ООУ „Наум Наумовски Борче“, за својот придонес во областа на спортот и образованието.
Признание добија и Силвана Карбеска и Марија Илиева, меѓународна ракометна судиска двојка. Тие се меѓународни судијки за ракомет на плажа и ракомет во сала, а од 2009 година судат на светски и европски првенства, како и на највисоките натпреварувања во организација на Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Наградата му беше доделена и на Сашо Кузмановски, спортски новинар со богата спортска кариера, кој веќе 25 години ја извршува функцијата програмски уредник на Спортското радио 90.3.
Меѓу наградените е и Ирена Митровска, претседателка на Федерацијата за дигање тегови и секретарка на Кик-бокс федерацијата, за нејзиниот придонес во спортското организирање и развојот на овие спортови.
За посебните достигнувања во спортот, особено во текот на оваа година, награда доби и Спелеонуркачкиот клуб „Врело“. Признанието следува по исклучителниот успех на експедицијата „Врело 2026“, реализирана во периодот од 11 до 17 октомври, со врвно организирана нуркачка екипа. Во рамките на експедицијата беа поставени неколку нови светски рекорди: истражување на најдлабоката пештера во светот во која човек досега навлегол, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко нуркање на отворени води. Во експедицијата учествуваа вкупно 15 членови од Македонија, Полска и Италија.
Признание доби и Александар Кузмановски, карате-тренер во Карате клубот „Олимпик Скопје“, во кој членуваат некои од најдобрите спортисти, меѓу кои Матеј Белистојаноски и Вероника Костовска. Кузмановски воедно е и селектор на македонската А-репрезентација во карате, во дисциплината борби.
Наградата за животно дело во областа на спортот му припадна на Марин Докузовски, професионален кошаркар и тренер, кој важи за најтрофеен селектор на македонската кошаркарска репрезентација. Под негово водство, Македонија го освои историското четврто место на Европското првенство во кошарка во Литванија во 2011 година.
Наградите „13 Ноември“ се доделуваат од 1970 година, во чест на ослободувањето на градот Скопје. Тие се доделуваат за особени заслуги во развојот и унапредувањето на спортот, врвни спортски достигнувања, како и за придонесот на заслужни спортисти, тренери, професори по спорт, спортски новинари и спортски работници, вклучително и за животно дело во областа на спортот.


