УЕФА му го зададе првиот голем удар на Инфантино

УЕФА ја оствари својата прва правна победа против ФИФА во спорот околу планот на Џани Инфантино да продаде удели на Светското првенство на приватни инвеститори. На 12 ноември, суд во Њујорк го отфрли барањето на ФИФА да го запре собирањето докази во таа постапка, објави шпанскиот весник „Марка“.
Со оваа одлука, европската фудбалска организација доби пристап до документи, финансиски проценки и листи на можни инвеститори што треба да ја разјаснат позадината на проектот „Фифа Форвард Ентерпрајз“ (ФФЕ).
Станува збор за подружницата на ФИФА преку која Инфантино имал намера да го спроведе планот за продажба на приватен удел на Светското првенство.
На крајот на август, УЕФА покрена четири постапки во американските судови со цел да собере документација за судскиот процес што се води во Швајцарија.
Суд во Њујорк го отфрли барањето на ФИФА да се поништи судскиот налог за доставување документи поврзани со компанијата „Трајв“ и банката „Џеј-Пи-Еј Морган“.
ФИФА се бранеше со тврдења дека УЕФА, со собирање докази, всушност води кампања што сака да влијае на претседателските избори во светската фудбалска организација.
„Ова е кампања за дезинформации во обид да се влијае врз претседателската кампања на ФИФА. Однесувањето на УЕФА беше злонамерно и имаше за цел вознемирување“, изјавија адвокатите на ФИФА.
Судијката ги отфрли тие аргументи и заклучи дека ФИФА нема директен правен интерес да учествува во оваа постапка. Покрај тоа, таа процени дека дополнителните барања само ќе го пролонгираат процесот и неоправдано ќе ѝ наштетат на УЕФА.
Спорот меѓу двете организации не се одвива само во судовите. Во октомври, УЕФА му испрати на генералниот секретар на ФИФА, Матијас Графстром, 42 прашања за работењето на светската фудбалска организација.
Темите вклучуваат улога на Инфантино во проектот FFE, одобрувањето на Фоларин Балогун да игра за репрезентацијата на САД и продолжувањето на полувремето на 27 минути во финалето на Светското првенство помеѓу Шпанија и Аргентина без претходно барање до IFAB.
Одлуката на судот во Њујорк е само првиот чекор. Преостанатите постапки во САД би можеле да ѝ дадат на УЕФА дополнителен увид во задината на проектот што требаше да го промени моделот на финансирање на Светското првенство.
Foto/ Depositphotos


