Бугарите гласаат на претседателски избори

Бугарските граѓани денеска гласаат на претседателските избори на кои учествуваат дури 27 кандидати, во услови на зголемена загриженост за безбедноста во Црното Море по нападите со беспилотни летала врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег.
Според анкетите, во водство е вршителката на должноста претседателка, Илијана Јотова (61), со поддршка од 41 отсто од гласачите. Нејзин најсериозен противкандидат е поранешниот привремен премиер Андреј Ѓуров (50), кој има поддршка од 28 отсто.
Иако претседателската функција во Бугарија е главно церемонијална, изборите добиваат дополнителна тежина по серијата напади со беспилотни летала врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег на Црното Море, во кои загинале околу 20 морнари од различни земји.
Нападите предизвикаа осуди од меѓународната заедница и загриженост дека руско-украинската војна се проширува кон нови подрачја. Бугарската влада побара помош од сојузниците во НАТО за зајакнување на поморската безбедност.
Премиерот Румен Радев изјави дека „резултатот од овие напади оди во прилог на Русија“, но не ја обвини директно Москва дека стои зад нив. Двајцата водечки претседателски кандидати, исто така, ги осудија нападите.
Ѓуров: Бугарија треба да биде сигурен сојузник на НАТО
Андреј Ѓуров, кој годинава привремено ја извршуваше функцијата премиер, ја има поддршката на прозападните реформски партии. Тој отворено ја поддржува Украина, а за време на премиерскиот мандат со Киев потпиша договор за безбедносна соработка.
„Сакам Бугарија да има свој глас во Европа. Сакам да биде сигурен сојузник на НАТО, кој ги штити своите интереси со силна дипломатија и јасен став“, изјави Ѓуров на предизборен собир во четвртокот.
Можно е гласање во втор круг
Илијана Јотова беше потпретседателка на Бугарија, а функцијата претседателка ја презеде во јануари, откако Румен Радев поднесе оставка за да учествува на парламентарните избори.
Радев победи на тие избори, а политичките аналитичари го оценуваат како политичар близок до Кремљ. Поранешниот претседател, кој сега е премиер, ја поддржува својата поранешна заменичка. И двајцата се залагаат за дипломатско завршување на војната во Украина.
„Моите противници тврдат дека мора да има војна на исцрпување. Вистината е дека токму ние сме најмногу исцрпени“, изјави Јотова во четвртокот на предизборен собир.
Доколку победи, таа ќе стане првата жена претседател на Бугарија.
Избирачките места се отворени во 7 часот и ќе бидат затворени во 20 часот. Доколку ниту еден кандидат не освои повеќе од половината од гласовите, вториот круг ќе се одржи на 1 ноември.



