Два брода потонаа за два дена во близина на Бугарија, се истражуваат причините

Танкер за превоз на гас, кој пловел под знамето на Либерија, потона денеска во Црното Море, во бугарската ексклузивна економска зона. Во тек е операција за пребарување и спасување на 19 членови на екипажот, сите филипински државјани, пренесува „Еуроњуз“.
Бродот „ГАС Хаски“ потонал на околу 100 километри од брегот на Бугарија. Според бугарското Министерство за одбрана, во спасувачката операција учествуваат војската и воздухопловните сили.
Хеликоптер бил испратен кон локацијата каде што бил забележан сплав за спасување со луѓе. Танкерот исчезнал од радарите кратко по полноќ, а во 8:02 часот по локално време бил испратен сигнал за опасност. Бродот пловел од египетското пристаниште Александрија кон романското пристаниште Мидија.
Ова е втор трговски брод што потонал во близина на бугарскиот брег во последните два дена. Во понеделникот потонал товарен брод под сомалиско знаме, при што биле спасени сите 12 членови на екипажот.
Бугарските власти започнале истрага за причините за двете несреќи. Засега нема официјални информации дали бродовите биле погодени од беспилотни летала. Во последните недели во регионот се регистрирани неколку напади со дронови врз трговски бродови, кои се поврзуваат со војната меѓу Русија и Украина.
