Еден загинат во пукање кај Париз, се истражува можен терористички напад: „Пукаше по случаен избор“

Едно лице загина, а четири се повредени во пукање што се случи денеска во поширокото предградие на Париз. Француското Национално антитерористичко обвинителство отвори истрага поради сомневање за тероризам, објави „Скај њуз“.
Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека нападот се случил на три локации во градовите Трап и Ла Вериер, во департманот Ивлин, околу 25 километри југозападно од центарот на Париз.
Според неговите зборови, напаѓачот користел „воено оружје или барем автоматско оружје“.
Нуњез го опиша нападот како „очигледно терористичко кривично дело“ и потврди дека истрагата ја презело антитерористичкото обвинителство. Напаѓачот е уапсен.
Обвинителството испитува дали нападот бил терористички чин и дали имал расна или верска мотивираност.
Градоначалникот на Трап, Али Рабе, за телевизијата БФМТВ изјави дека мажот отворил оган на патот меѓу Трап и Ла Вериер.
„Изгледаше дека пука по случаен избор, со намера да предизвика масакр“, рече Рабе, додавајќи дека е „вистинско чудо“ што нема повеќе жртви.
Тој наведе дека убиеното лице е со африканско потекло, а еден од повредените е со северноафриканско потекло. Потврди и дека било пукано кон детско игралиште.
Телевизијата БФМТВ објави дека 12-годишно девојче било погодено со осум куршуми. Полицијата засега официјално не ги соопшти идентитетите и возраста на жртвите.
Според дополнителните информации на АФП, девојчето е тешко повредено, но е во стабилна состојба.
Францускиот претседател Емануел Макрон на платформата Икс објави дека е „длабоко потресен“ од нападот и порача дека неговите мисли се со жртвите.
Нападот се случи во пресрет на новите протести закажани за сабота поради високите трошоци за живот и состојбите во образованието.
Владата распоредува значително засилени безбедносни сили за да спречи повторување на масовните немири и насилството од минатата недела.
Министерот Нуњез најави дека на терен ќе бидат распоредени околу 70.000 припадници на безбедносните сили. Големите музеи, вклучително и Лувр, исто така ќе бидат затворени.



