Четврток, 26 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

ЕУ ја потврди перспективата за членство на Западен Балкан и повика на спроведување на билатералните договори

Европската Унија ја потврди својата посветеност на членството на земјите од Западен Балкан, повикувајќи ги партнерите од регионот да го забрзаат спроведувањето на реформите и да ги исполнат обврските неопходни за напредок на европскиот пат.

Во декларацијата усвоена на состанокот на врвот ЕУ – Западен Балкан, одржан на 25 ноември во Брисел, се нагласува дека проширувањето претставува геостратегиска инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа.

„Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија. Проширувањето претставува реална можност што треба да се искористи“, се наведува во декларацијата.

Европските лидери ја истакнаа важноста на владеењето на правото, демократските принципи, слободата на изразување, независноста на медиумите и почитувањето на правата на малцинствата.

Во декларацијата посебно се нагласува значењето на добрососедските односи, регионалната соработка и спроведувањето на меѓународните договори, пришто споменати се Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

„Инклузивната регионална соработка, помирувањето и добрососедските односи остануваат клучни за градење заедничка иднина, како и за спроведување на меѓународните договори со добра волја и со опипливи резултати, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Сè уште се потребни одлучни понатамошни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за наоѓање и спроведување дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашања на партнерите, вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и утврдените принципи. Ова вклучува решавање на сите преостанати случаи на исчезнати лица и решавање на отворените прашања поврзани со воени злосторства, со цел да се обезбедат одговорност и правда. Неопходно е да продолжат напорите на релевантните партнери за исполнување на сите преостанати обврски што произлегуваат од Договорот за прашања на сукцесија и за решавање на преостанатите прашања поврзани со сукцесијата“, се наведува во точката 5 од декларацијата.

ЕУ повика и на конкретен напредок во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, нагласувајќи дека отсуството на нормализација продолжува да ги попречува двата партнера на нивниот европски пат.

Во однос на економската интеграција, Унијата го поздрави напредокот во постепеното вклучување на Западен Балкан во единствениот европски пазар. Меѓу приоритетите се укинувањето на дополнителните трошоци за роаминг меѓу ЕУ и регионот, проширувањето на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), олеснувањето на трговијата и модернизацијата на граничните премини.

Со Планот за раст за Западен Балкан се предвидени до шест милијарди евра за реформи и инвестиции, како дополнување на 29 милијарди евра што се обезбедуваат преку Економскиот и инвестициски план.

Во декларацијата се посочува и стратегиското значење на Коридорот 8, кој ги поврзува Јадранското и Црното Море, при што ЕУ ги повикува партнерите да постигнат решителен напредок кон неговото завршување.

Европските лидери повикаа и на целосно усогласување со надворешната, безбедносната и визната политика на Унијата, како и на засилена борба против корупцијата, организираниот криминал, тероризмот и киберзаканите.

„Ќе продолжиме да им пружаме сеопфатна поддршка на Украина и на нејзиниот народ додека ги бранат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина против руската воена агресија, во координација со партнерите со сродни ставови. Ја поздравуваме поддршката од партнерите од Западен Балкан во овие напори“, се наведува во декларацијата.

ЕУ, исто така, ја нагласи важноста на усогласувањето на земјите од Западен Балкан со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, вклучително и спроведувањето на рестриктивните мерки и спречувањето на нивното заобиколување. Европските лидери ги поздравија партнерите кои веќе се целосно усогласени со оваа политика и ги повикаа останатите да го следат нивниот пример.

ЕУ нагласува дека останува главен инвеститор и трговски партнер на Западен Балкан, како и најголем давател на финансиска помош за регионот.

Поврзани вести