Петок, 20 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Европски град кој освои престижна туристичка титула

Денес, Европската комисија ги прогласи Љубљана и шпанската општина Калвија на Мајорка за европски престолнини на туризмот за 2027 година, наградувајќи ги нивните резултати во развојот на одржлив, иновативен и целогодишен туризам.

Љубљана ја освои наградата во категоријата градови со повеќе од 100.000 жители, благодарение на нејзините резултати во областа на одржливиот, дигиталниот, културниот и достапниот туризам, објавува „Дело“.

Европското жири особено го истакна начинот на кој словенечката престолнина собира и користи податоци за посетителите со цел да се подобри управувањето со туристичките дестинации, да се поттикне иновацијата и да се овозможи порамномерен развој на туризмот во текот на целата година.

Шпанската Калвија, туристички град на островот Мајорка, беше прогласена за европска престолнина на туризмот во категоријата дестинации со 25.000 до 100.000 жители.

Жирито ги пофали нејзините напори за промена на постоечкиот туристички модел и преминување кон поодржлив пристап што подразбира порамномерна распределба на посетите во текот на целата година, а воедно ги хармонизира потребите на туристите и локалните жители.

Двете дестинации, според Европската комисија, се примери за развој на туризмот што истовремено придонесува за економијата, заштитата на животната средина и квалитетот на животот на локалните заедници.

Нивните резултати се вклопуваат во целите на новата стратегија на Европската Унија за одржлив туризам, која Комисијата ја усвои на почетокот на ноември, а која треба да ја зајакне конкурентноста и отпорноста на европскиот туристички сектор.

83 туристички дестинации од 24 земји аплицираа за овогодинешниот натпревар, додека 16 беа во потесен избор и ги презентираа своите резултати пред европското жири.

Меѓу финалистите беше и Нова Горица, чии власти оценија дека пласманот во финалето е потврда за сè поголемото препознавање на градот како европска туристичка дестинација.

Европскиот комесар за одржлив транспорт и туризам Апостолос Цикикостас им честиташе на Љубљана и Калвија, нагласувајќи дека нивните примери покажуваат како иновативниот и одржлив туризам може да донесе придобивки за економијата, посетителите и локалните заедници.

Поврзани вести