Четврток, 5 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Франција се подготвува за масовни протести, Макрон стравува од повторување на немирите

Стотици илјади граѓани денеска се очекува да излезат на протести низ Франција, додека вработените во јавниот сектор најавија штрајк поради високите трошоци за живот, состојбата во јавните служби и образованието. Француските власти ќе распоредат околу 70.000 полицајци за да спречат повторување на насилните немири од минатиот месец, пренесува „Ројтерс“.

Протестите ги организираат синдикатите, меѓу кои и левичарскиот CGT, со поддршка од студентските здруженија. Според проценките на француските разузнавачки служби, само надвор од Париз на демонстрациите би можеле да учествуваат меѓу 500.000 и 700.000 луѓе.

Властите стравуваат од повторување на настаните од 17 октомври, кога за време на немирите беа ограбени и оштетени продавници и јавни објекти низ земјата.

„Исклучително сме внимателни бидејќи не доаѓа предвид повторно да го преживееме 17 октомври“, изјави портпаролката на владата, Мод Брежон.

Се очекува штрајкот да предизвика нарушувања во железничкиот и јавниот превоз, како и во образованието. Министерството за образование соопшти дека се очекува во штрајкот да учествуваат 17,5 отсто од наставниците во државните основни училишта. Приклучување најавија и синдикатите од енергетскиот сектор.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера одржа состанок посветен на одбраната и безбедноста, во обид да спречи нов бран насилство. Протестното движење, кое започна поради незадоволството на студентите од условите во образованието, прерасна во поширок предизвик за неговата влада, пет месеци пред претседателските избори.

Минатосаботните протести главно поминаа мирно, со неколку помали судири, но политичките тензии во земјата остануваат високи.

Поврзани вести