Франција ќе распореди 70.000 полицајци на улиците поради страв од нови немири

Франција ќе распореди 70.000 безбедносни сили во сабота, 31 октомври, низ целата земја поради страв од насилни протести. Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез предупреди дека „Ноќта на вештерките“ ќе биде со „многу висок ризик“ за јавниот ред и мир.
Нуњез денес изјави дека бројни радикални групи повикуваат на насилни собири во сабота преку социјалните медиуми. Тој најави дека одговорот од полицијата и другите безбедносни сили ќе биде исклучително цврст.
„Гледаме бројни повици за собири од работничкото движење, радикализираната крајна левица и одредени радикализирани веб-страници на движењето „жолти елеци“, рече Нуњез.
Тој додаде дека некои од пораките во овие повици биле „прилично радикални, благо кажано“. „31 октомври е ден што претставува многу висок ризик за јавниот ред и мир“, предупреди францускиот министер. Според податоците од француското Министерство за внатрешни работи, околу 410.000 луѓе учествувале во протестите минатата сабота.
Редот го одржуваа 70.000 припадници на безбедносните сили, кои се обидоа да спречат повторување на насилните немири, вандализмот и кражбите видени на 17 октомври. Синдикалните лидери и студентите повикаа на нови протести во сабота, на 31 октомври, и на национален штрајк на 5 ноември.



