Понеделник, 23 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Германија ги заострува условите за државјанство? Покрената нова иницијатива

Германските конзервативци покренаа иницијатива за значително заострување на условите под кои странците можат да добијат германско државјанство. Предлозите на Христијанско-демократската унија (CDU) и Христијанско-социјалната унија (CSU) предвидуваат продолжување на задолжителниот престој од пет на осум години, построги јазични барања и ограничувања за двојно државјанство, пренесуваат медиумите во регионот.

Иницијативата беше презентирана кон средината на ноември и се дискутира во рамките на владејачката коалиција со Социјалдемократската партија на Германија (SPD). Доколку предлозите бидат усвоени, милиони странци кои живеат и работат во Германија би можеле да се соочат со значително подолг и потежок пат до државјанство.

Според германските медиуми, заменик-водачот на групата CDU/CSU, Гинтер Крингс, и експертот за внатрешна политика, Александар Тром, испратија до SPD предлог за преговори, нудејќи договор за пошироки права на престој за странци во замена за поддршка за построги правила за натурализација.

Конзервативците, исто така, бараат државјанството да не може да се добие директно врз основа на статус на меѓународна заштита.

Социјалдемократите потсетуваат дека во коалицискиот договор со CDU и CSU, беше договорено да се задржи петгодишниот услов за престој и постојните правила за двојно државјанство.

Експертот на СПД за внатрешна политика, Себастијан Фидлер, изјави дека германските компании имаат голем интерес странците кои работат и се интегрирале да можат да останат во земјата.

Конзервативците, од друга страна, сметаат дека правото на престој треба да се регулира така што правилата за барателите на азил ќе бидат појасно одвоени од правилата за странските работници.

Засега, во владејачката коалиција нема усвоен закон или конечен договор. Важечките услови остануваат пет години легален престој, познавање на јазикот на ниво Б1 и можност за задржување на претходното државјанство.

Тригодишната забрзана натурализација за особено добро интегрирани странци веќе е укината во 2025 година.

Новиот предлог сè уште треба да помине низ преговори со СПД, а сите промени би требало да добијат поддршка во Бундестагот.

Поврзани вести