Британците драстично ги заоструваат условите за постојан престој за странци

Во понеделникот, британската влада претстави нов, значително построг модел за стекнување права на престој, според кој многу странски работници ќе мора да чекаат двојно подолго отколку што чекаат сега за да се стекнат со право на постојан престој. Премиерот Енди Бернам изјави дека Обединетото Кралство „ја изгубило контролата врз имиграцијата“ по Брегзит и изрази целосна поддршка за министерката за внатрешни работи во спроведувањето на новите мерки, пренесува „Еуроњуз“.
Министерката за внатрешни работи, Шабана Махмуд, во Парламентот потврди дека периодот потребен за добивање статус на неограничен престој (ILR) ќе се продолжи од пет на десет години за повеќето работници. Овој статус им овозможува на странските државјани да живеат, работат и студираат во Обединетото Кралство без временски ограничувања.
Подолго чекање за постојан престој
Според планот на лабуристичката влада, ќе постојат исклучоци. Лицата со високи примања ќе можат да аплицираат за постојан престој по само три години. Работниците кои заработуваат повеќе од 50.271 фунта (приближно 60.200 евра) годишно, како и одредени вработени во јавниот сектор – како што се лекари, медицински сестри и наставници – ќе можат да се квалификуваат по пет години.
Махмуд, исто така, најави исклучок за работниците во секторот за социјална заштита – промена воведена како одговор на загриженоста што ја изразија синдикатите и некои членови на владејачката Лабуристичка партија во врска со првичните предлози.
„Работниците во социјалната заштита кои заработуваат 25.000 фунти (приближно 29.900 евра) годишно – што е услов за нивната виза – ќе можат да аплицираат за престој според постоечкиот петгодишен модел“, изјави Махмуд. Таа додаде дека новата политика го признава придонесот на оние кои „напорно работеле и се одѕвале на повикот кога биле потребни“.
Образложение на владата и санкции
Новите мерки доаѓаат по јавна консултација на која беа добиени над 200.000 одговори. Владата наведе дека, иако граѓаните изразиле загриженост во однос на праведноста и сложеноста на системот, постоела и поддршка за модел што придава поголемо значење на придонесот, интеграцијата и почитувањето на правилата.
Основен принцип за владата е дека „правото на престој треба да се заслужи, а не само да се доделува врз основа на изминатото време“.
Новата политика, исто така, воведува построги казни. За поединците за кои ќе се утврди дека ги прекршиле имиграциските правила, периодот на чекање за добивање статус на постојан престој ќе се продолжи на 20 години.
„Секој што пристигнал со мал чамец или на друг нелегален начин ќе се соочи со дополнителни 10 години чекање, што значи дека би можеле да чекаат и до 30 години за постојан престој“, соопштија од владата. За разлика од нив, бегалците кои пристигнуваат преку официјално одобрени патишта ќе имаат право да поднесат барање по истекот на пет години.
Политички контекст
Овие промени нема да влијаат врз поединците кои веќе имаат статус на постојан престој, а се очекува да стапат на сила следната година. Британскиот премиер Енди Бернам во официјална изјава повтори дека земјата ја „изгубила контролата врз имиграцијата“ поради поделбите предизвикани од Брегзит и излегувањето од Европската унија. „Министерката за внатрешни работи одлучно го решава овој проблем и ја има мојата целосна поддршка во тоа“, додаде тој.
Овие промени доаѓаат во време на зголемен политички притисок од десницата, особено од партијата „Реформ УК“ на Најџел Фараж. Од партијата „Реформ“ изјавија дека, доколку дојдат на власт, целосно ќе ги укинат дозволите за неограничен престој и ќе ги заменат со „петгодишни работни визи што можат да се обновуваат“.


