Гутереш: Најбогатите 10 отсто од светската популација поседуваат 75 отсто од целокупното богатство

Се зголемува поддршката за формирање меѓународен панел за нееднаквост, независно тело по примерот на Меѓувладиниот панел за климатски промени, кое ќе ги истражува причините и последиците од сè поголемиот јаз меѓу богатите и сиромашните и ќе им помага на владите да изнајдат решенија за поправедна распределба на богатството.
Иницијативата добива поддршка од сè поголем број светски лидери и експерти, меѓу кои и нобеловецот за економија Џозеф Стиглиц. На маргините на последното заседание на Генералното собрание на ОН, на состанок организиран од Бразил, Норвешка, Јужна Африка и Шпанија, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека концентрацијата на богатството и моќта достигнува загрижувачки размери.
„Најбогатите 10 отсто од светската популација поседуваат 75 отсто од целокупното богатство“, изјави Гутереш, предупредувајќи дека развојот на напредните технологии може дополнително да ги продлабочи разликите доколку придобивките останат во рацете на мал број луѓе.
Предвидено е меѓународниот панел да собира и анализира податоци за обемот, причините и последиците од нееднаквоста, како и да предлага конкретни мерки, меѓу кои поголеми инвестиции во образованието, здравството и социјалната заштита, поправедно оданочување и посилна меѓународна соработка.
Двете земји од Г7, Германија и Јапонија, веќе јавно ја поддржаа иницијативата. Стиглиц предупредува дека нееднаквоста меѓу и во рамките на државите претставува закана за функционирањето на економиите, демократијата и општествената стабилност.
Според извештајот на Стиглиц и група економисти, во периодот од 2000 до 2024 година најбогатиот еден процент од светската популација присвоил 41 отсто од новосоздаденото глобално богатство, додека на најсиромашната половина од човештвото ѝ припаднал само еден процент.
Нееднаквоста е изразена и во распределбата на приходите. Во 83 отсто од земјите во светот постои висока нееднаквост во приходите, а во нив живеат околу 90 отсто од светската популација. Разликите се уште поголеми кога станува збор за богатството, кое во голема мера се пренесува од генерација на генерација.
Последиците се гледаат и во пристапот до храна и образование. Околу 2,3 милијарди луѓе во светот се соочуваат со умерена или тешка несигурност во снабдувањето со храна, што значи дека мораат да прескокнуваат оброци. Тоа е зголемување за 335 милиони луѓе во споредба со 2019 година.
Како едно од можните решенија се посочува прогресивното оданочување. Според анализата на Светската лабораторија за нееднаквост, прогресивните даноци, социјалните трансфери и инвестициите во човечкиот капитал можат да придонесат за намалување на разликите.
Во извештајот се наведува дека дури и глобален данок од три проценти за помалку од 100.000 милионери и милијардери би можел да обезбеди повеќе од 750 милијарди долари годишно, сума споредлива со вкупните буџети за образование на земјите со ниски и средни приходи.



