Повеќе од 2.500 откажани летови во САД по повеќечасовниот прекин на авиосообраќајот

Повеќе од 2.500 летови биле откажани во САД, а неколку стотици доцнеле по повеќечасовната целосна обустава на полетувањата од американските аеродроми поради безбедносни причини и прекин во телекомуникациите.
Обуставата на авиосообраќајот беше укината во петокот околу 20:15 часот, но надлежните предупредија дека нормализацијата ќе биде постепена и бавна, со оглед на тоа што станува збор за најдолгиот прекин на летовите во последните 25 години.
Американските власти очекуваат авиосообраќајот целосно да се нормализира до почетокот на големиот бран патувања за Денот на благодарноста, пренесе АП.
Според процените на компанијата „Сириум“, нарушувањата во воздушниот сообраќај погодиле околу 1,5 милиони патници.
Претставници на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопштија дека новата технологија поврзана со националниот систем за контрола на воздушниот сообраќај ја преоптоварила застарената опрема. Тоа предизвикало повремени прекини во комуникацијата и радарското следење, поради што летовите биле запрени повеќе од четири часа.

