Израел пренаменува 840 милиони долари за одбраната: се кратат пари за образование, здравство и социјална заштита

Владата на Израел се очекува денеска да одобри намалување на буџетските издвојувања за 4,9 отсто, односно за околу 840 милиони долари, со цел средствата да се пренасочат за итни набавки за одбраната, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Предложеното кратење би опфатило голем број министерства, меѓу кои ресорите за образование, здравство, социјална заштита и сообраќај.
Лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, изјави дека набавките за одбраната се неопходни, но оцени дека тие можат да се финансираат без намалување на средствата наменети за образованието и социјалната заштита.
Тој го критикуваше предлогот на владата, посочувајќи дека средствата наменети за коалициските партнери ќе останат недопрени.
Стручните служби и правните советници предупредиле дека предложените мерки би можеле значително да влијаат врз функционирањето на јавните услуги.
Според израелскиот весник, новиот предлог доаѓа само неколку дена откако владата одобри 323 милиони долари за набавка на американски борбени хеликоптери „Апачи“.
Најголемиот дел од средствата за таа набавка ќе биде обезбеден преку намалување на издвојувањата за петгодишниот план за економски развој на арапската заедница во Израел.
Доколку биде усвоен и новиот предлог, вкупната вредност на средствата наменети за одбранбени набавки врз основа на двете одлуки ќе надмине 1,1 милијарда долари.
Во владиниот предлог се наведува дека средствата се потребни за „доверливи набавки за опремување на Министерството за одбрана“. Деталите за планираните набавки и причините за нивната итност треба да бидат претставени пред надлежниот министерски комитет.
Претставници на одбранбениот сектор предупредиле дека одложувањето на одобрувањето на средствата до формирањето нова влада би можело да го загрози неопходниот безбедносен одговор.
Парламентарните избори во Израел се закажани за 27 октомври.


