Недела, 18 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Јапонската премиерка: Трошам три до четири часа повеќе од мажите поради шминкањето и домашните обврски

18.10.2026, 13:45

Јапонската премиерка Санае Такаичи предизвика дебата за родовата еднаквост, традиционалните улоги на жените и прекумерното работно време, откако изјави дека троши три до четири часа повеќе од своите машки претходници поради домашните обврски, шминкањето и подготовките за телевизиските настапи, пренесува Асошиејтед прес.

Такаичи, за време на парламентарна седница во средата, објаснила дека наутро мора да се искапе, да подготви појадок, да ги измие садовите и да се нашминка пред да ги започне официјалните обврски.

„Поради тие работи имам чувство дека трошам три или четири часа повеќе од машките премиери“, изјавила Такаичи, додавајќи дека на нејзините соработници им било потребно време да се навикнат на фактот дека ѝ треба подолго време за шминкање и подготовка за телевизиските настапи.

Нејзините изјави предизвикаа критики на социјалните мрежи, каде што дел од корисниците оценија дека ваквиот став ги одразува традиционалните родови улоги и ги занемарува тешкотиите со кои се соочуваат вработените жени што, покрај работата, се грижат и за децата и постарите членови на семејството.

Жените во Јапонија поминуваат речиси пет часа дневно во домашни обврски

Според најновите податоци на јапонската влада, жените во земјата поминуваат речиси пет часа дневно во извршување домашни обврски, додека мажите во просек посветуваат околу 40 минути на тие задачи.

Адвокатката Фусако Мива оценила дека не е проблем ако на премиерката ѝ треба повеќе време за да ги извршува своите должности, но дека оправдувањето на дополнителните часови потребни за шминкање отвора прашања за нејзиното разбирање на родовата еднаквост.

Такаичи, која е првата жена на чело на јапонската влада, претходно изјавила дека поради напорниот распоред и домашните обврски спие меѓу нула и три часа во текот на ноќта. И тие изјави предизвикаа критики дека промовира прекумерна работа наместо подобро усогласување на професионалниот и приватниот живот.

Предлози за намалување на работното оптоварување

Начинот на кој премиерката го организира времето стана и тема на политичка дебата.

Фумитаке Фуџита, висок функционер на коалицискиот партнер Јапонската иновациска партија, предложил скратување на повеќечасовните парламентарни седници на кои министрите присуствуваат речиси секојдневно.

Во извештај на истражувачкиот центар NXJ Research се наведува дека јапонскиот премиер во 2022 година присуствувал на парламентарни седници во текот на 72 дена. За споредба, британскиот премиер присуствувал 50 дена, а германскиот 13 дена.

Во извештајот се предлага и ангажирање готвачи и друг помошен персонал во официјалната резиденција на премиерот, со цел шефот на владата да може повеќе да се посвети на државните работи и да има доволно време за спиење.

Такаичи признала дека тешко наоѓа време за размислување за долгорочниот развој на Јапонија. Таа навела дека често носи голем број документи дома и ги чита до доцна во ноќта.

Поврзани вести