Јужнокорејски војник почина во близина на Северна Кореја; на телото имал траги од повреди

Наредник од јужнокорејската армија почина утрово во единица стационирана во Чорвон, во близина на границата со Северна Кореја. Министерството за национална одбрана во Сеул потврди дека на неговото тело биле пронајдени надворешни повреди, пренесува Ројтерс.
Воени и цивилни истражители работат на утврдување на точната причина и околностите на смртта, соопшти Министерството. Сè уште не е познато дали овој инцидент е поврзан со тензиите на границата.
Гранични тензии
Смртта на војникот се случи во период на зголемени тензии. На 21 септември, тројца јужнокорејски војници беа ранети од експлозии на мини, јужно од Воената демаркациона линија.
Јужнокорејската војска тврди дека мините биле поставени од Северна Кореја за време на работите на утврдување на границата, кои траат уште од 2024 година. Пјонгјанг ги отфрли овие обвинувања.

