Љубовна врска, тајни извештаи и сомнеж за шпионажа: Што знаел шефот на Nvidia?

Неколку дена откако претседателот Доналд Трамп изјави дека извршниот директор на „Nvidia“, Џенсен Хуанг, не претставува безбедносна закана за САД, едно клучно прашање останува неодговорено: дали жената со која Хуанг имал љубовна врска била кинески шпион?
Во последните денови, високи претставници за национална безбедност на САД – вклучително и оние од Белата куќа, ФБИ и ЦИА – разговарале за ова прашање, обидувајќи се да утврдат дали Алис Хуанг, поранешен раководител кај еден од главните клиенти на „Nvidia“, работела за главната кинеска разузнавачка служба или ѝ пренесувала информации на истата. Ова го тврдат пет лица запознаени со случајот, кои зборуваа под услов да останат анонимни.
САД собрале разузнавачки податоци за Алис Хуанг и нејзините контакти со поединци поврзани со кинеското Министерство за државна безбедност, велат два извори запознаени со информациите. Според нив, овие детали со месеци се појавуваат во извештаите на неколку разузнавачки служби, вклучително и ЦИА.
Клучни функционери – меѓу кои и претставници на ФБИ и ЦИА, како и Марко Рубио (советник на Трамп за национална безбедност и државен секретар) – се согласуваат за основните факти, но имаат различни ставови за значењето на информациите собрани од американските разузнавачки служби.
Според петте извори, овие различни гледишта не биле ниту формално разгледани, ниту дискутирани во рамките на администрацијата пред Хуанг да ја напушти „Nvidia“. Според тројца извори, толкувањето на фактите е важно за разбирање на одлуката на Трамп да се заложи за враќање на Хуанг на чело на „Nvidia“. Разузнавачките податоци, исто така, веројатно ќе бидат клучен фактор во секоја истрага на Конгресот поврзана со „Nvidia“ и постапките на претседателот.
„Ројтерс“ не успеа да дојде до детали за разузнавачките извештаи.
Проценки на ФБИ и ЦИА во врска со вмешаноста на Алис Хуанг
Според два извори запознаени со информациите, ФБИ, кој е одговорен за контраразузнавачки истраги, во неодамнешните брифинзи проценил дека американските разузнавачки податоци не укажуваат на тоа оти Алис Хуанг била агент или соработник на кинеските разузнавачки служби.
Ставот на ЦИА е посложен. Агенцијата смета дека извештаите не покажуваат јасно дали таа поседувала чувствителни информации од областа на националната безбедност или дали ги пренела истите на Кина, но остава отворена можност да се појават нови докази, велат двата извори.
Некои функционери веруваат дека контактите на Алис Хуанг со кинеската разузнавачка служба укажуваат на нејзината соработка со Пекинг, иако американските разузнавачки служби не укажуваат дека таа пренесувала информации.
Доверлив меморандум напишан од Рубио претходно оваа година наведува дека кинеското Министерство за државна безбедност (MSS) ја регрутирало Хуанг – потенцијално како разузнавачка служба – според претходен извештај на „Њујорк тајмс“.
Разузнавачките извештаи биле строго доверливи во рамките на разузнавачката заедница и меѓу членовите на кабинетот. Тие не биле споделени со Конгресот, според два извори.
Белата куќа, ЦИА, ФБИ и Стејт департментот одбиле да коментираат. Џенсен Хуанг признал дека бил неверен на својата сопруга и се извинил, но јавно не се осврнал на наводните врски во детали. Кина ги отфрли обвинувањата за шпионажа. Ројтерс не можеше да ја контактира Алис Хуанг за коментар.
Разузнавачките информации не се споделуваат широко
Различните толкувања на американските разузнавачки служби истакнуваат проблем за администрацијата на Трамп – проблем за кој сегашните и поранешните разузнавачки службеници предупредуваат: класифицираните информации сега се споделуваат и дискутираат во значително помала мера во рамките на разузнавачката заедница. Советот за национална безбедност, кој претрпе значително намалување на бројот на вработени од почетокот на мандатот на Трамп, традиционално одржува состаноци каде што службениците можеа да анализираат и дискутираат за разузнавачки информации поврзани со чувствителни прашања, но ваквите состаноци сега се поретки отколку во претходните администрации.
Советот не одржуваше состаноци на министерско ниво на службеници од различни агенции за Алис Хуанг и Nvidia, рекоа две лица запознаени со ова прашање.
Последица од намаленото споделување разузнавачки информации може да биде тоа што е недоволно проверено и разгледано пред да стигне до носителите на политички одлуки, претходно објави Ројтерс.
Анализата на разузнавањето од страна на ЦИА покажува дека Алис Хуанг, кинеска државјанка, била во контакт со кинеската разузнавачка служба бидејќи кинескиот закон бара од граѓаните да соработуваат со разузнавачките власти во земјата.
Еден од интервјуираните рече дека извештаите на ЦИА за случајот се фокусирале главно на улогата што Алис Хуанг ја играла во нејзиниот поранешен работодавач, Megaspeed, и пренасочувањето на американските чипови во Кина. Многу службеници веруваат дека овие дејствија претставуваат поголема закана за националната безбедност од аферата со извршниот директор на Nvidia.
Од „Megaspeed“ изјавија дека работат легитимно и во согласност со законот, вклучително и со почитување на американските контроли на извозот.
Спротивставени толкувања
Кога управниот одбор на „Nvidia“ го смени Хуанг од функцијата претходно овој месец, претставници на администрацијата дадоа изјави кои, како што се чини, се во спротивност со извештаите за меморандумот на Рубио.
Потпретседателот Џеј Ди Венс и Трамп – кои претходно зборуваа пофално за извршниот директор на „Nvidia“ – по разговорите со главниот државен обвинител Тод Бланш, изјавија дека заклучиле оти Хуанг не претставува закана за националната безбедност.
Директорот на националното разузнавање, Џеј Клејтон, истакна дека останува нејасно дали Алис Хуанг била соработник на кинеските разузнавачки служби.
Рубио нема јавно зборувано за „Nvidia“ откако Хуанг се врати на својата позиција.
Според двајца поединци запознаени со разговорите, кога „Њујорк тајмс“ извести за меморандумот претходно овој месец, тоа предизвика загриженост во администрацијата и кај членовите на управниот одбор на „Nvidia“ – кои се прашуваа дали Хуанг бил свесен дека бил поврзан со жена која пренесувала информации во Кина.
Трамп ги свикал Венс, Бланш и Клејтон за да ги разгледаат разузнавачките податоци, притоа прашувајќи ги дали извршниот директор е под истрага и дали претставува некаква закана за националната безбедност на САД, наведуваат двајцата соговорници.
Бланш го информирал Венс дека Хуанг не претставува закана, како што претходно објави „Ројтерс“. Според еден од соговорниците, Рубио не учествувал во овие разговори, а враќањето на Хуанг на функцијата за него било неочекувано.
Стејт департментот не одговори на прашањата во врска со учеството на Рубио во разговорите.



