Макрон: Европа мора сама да ја преземе одговорноста за безбедноста, повеќе нема американска поддршка за Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека поддршката на Европа за Украина е од клучно значење бидејќи „повеќе нема американска поддршка“.
Во пресрет на самитот на европската политичка заедница во Даблин, Макрон рече дека на Европа е да ја дефинира сопствената безбедносна иднина и да ги воспостави принципите и рамката на својата безбедносна политика, пренесува ирскиот „РТЕ“.
„Денес е важно што правиме во однос на Украина и да продолжиме да ѝ даваме јасна поддршка“, рече Макрон.
Тој истакна дека Европејците мора да ја обликуваат сопствената безбедносна архитектура.
„Да бидеме искрени, без Европејци нема поддршка за Украина. Повеќе нема американска поддршка. Постојат напори за посредување, што е добро, но на крајот ние ќе бидеме оние кои ќе ја дефинираат и ќе одлучуваат за сопствената безбедносна иднина како Европејци“, рече францускиот претседател.
Тој додаде дека не се сомнева во способноста на Европа да преземе одговорност за сопствената безбедност.
Околу 50 европски и светски лидери се собраа денес во Даблин на самитот на Европската политичка заедница (ЕПЗ), најголемиот дипломатски настан во историјата на Ирска, каде што се очекува војната во Украина и можностите за постигнување мировен договор да бидат меѓу главните теми на дискусија.


