Зеленски: „Путин е бесен, сака да го уништи животот во Украина“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека за време на преговорите во Абу Даби, руската делегација немала мандат да разговара за примирје, но дека ја пренела пораката дека рускиот претседател Владимир Путин сака да продолжи со нападите врз украинските градови.
„За жал, Русите вчера изјавија дека немаат мандат да разговараат за чекори што би можеле да ги намалат ужасите од оваа војна. Ова се случи и покрај уште еден обид од наша страна да обезбедиме мерки за деескалација во Црното Море и прекин на нападите врз енергетската инфраструктура на Украина. Сепак, според информациите од нашата делегација, одговорот што го добиле бил дека рускиот шеф е бесен и сака да продолжи со нападите“, рече Зеленски.
Во такви околности, украинскиот претседател ги повика учесниците на самитот да продолжат да ја поддржуваат Украина, првенствено преку зајакнување на нејзината воздушна одбрана.
„Ни требаат пресретнувачки ракети за системите „Патриот“ и „НАСАМС“. Ве повикувам да го сфатите ова многу сериозно и да ни помогнете да ги обезбедиме овие ракети. Второ, ни требаат борбени авиони Ф-16 и муниција за нив. Повторно станува збор за воздушна одбрана. Користиме Ф-16 за соборување на руски млазни беспилотни летала од типот „Шахед“, кои ги има стотици и илјадници“, рече Зеленски.
Тој, исто така, ги повика европските земји да обезбедат дополнителна поддршка за украинскиот енергетски сектор. Според него, украинскиот тим составил список на енергетска опрема што била уништена во руските напади.
Дополнително, Зеленски ги замоли европските земји да ја поддржат имплементацијата на плановите за зајакнување на отпорноста на украинските градови на напади.
„Путин им кажа на луѓето околу него, а ова се веродостојни информации, дека сака да го уништи животот во градовите. Затоа сме сведоци на континуиран терор над Киев, главниот град, Днепар, Харков, Запорожје, Одеса и други градови. Подготвивме планови за овие градови за да ја зајакнеме нивната отпорност. Тие се подготвени и ни е потребна посебна поддршка за да ги спроведеме“, рече украинскиот претседател.


