Макрон: Ограничувањето на помошта за Украина значи наметнување неправеден мир и рецепт за нова војна

Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека земјите кои сакаат да ја ограничат помошта за Украина всушност се обидуваат да ѝ наметнат „неправеден мир“, што може да доведе до нова војна.
Макрон ја упати пораката преку социјалните мрежи, во време кога САД посредуваат во преговорите меѓу Украина и Русија за ставање крај на војната, која започна со руската инвазија во февруари 2022 година.
„Оние кои сакаат да ја ограничат помошта за Украина всушност сакаат да ја принудат да прифати неправеден мир, а со тоа индиректно и цела Европа. Тоа е дух на поразот. Тоа е рецепт за нова војна. Тоа не може да биде ставот на Франција“, порача Макрон.
Европските земји ќе учествуваат во идните преговори
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Вашингтон му предложил на Киев да отстапи дел од својата територија на Москва во замена за членство на Украина во НАТО.
Американските претставници Џаред Кушнер и Стив Виткоф во четвртокот одделно се сретнале со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Зеленски, по дводневните разговори во Абу Даби, кои не донеле позначителен напредок.
Сепак, преговорите резултирале со договор европските земји да бидат вклучени во идните разговори за завршување на војната. Во петокот во Даблин било договорено Франција, Германија, Италија, Велика Британија и Полска да испратат свои претставници на преговорите.
„Она што се случува во Украина директно нè засега“
Макрон порача дека Европа мора целосно да учествува во напорите за постигнување праведен и траен мир во Украина.
„Она што се случува во Украина директно нè засега. Помагањето на Украина да се одбрани значи заштита на Франција и Французите“, истакна францускиот претседател.
Тој нагласи дека сојузниците на Украина мора јасно да ја претстават својата визија за периодот по завршувањето на војната, вклучително и пред Русија, но и да ги дефинираат очекувањата од Вашингтон во однос на долгорочната безбедност на Европа.
Макрон оцени дека рускиот претседател Владимир Путин не сака да преговара, туку се обидува да ја скрши Украина со интензивирање на нападите со дронови и ракети врз цивилите и енергетската инфраструктура пред зимата.
„Тоа значи дека мора да продолжиме да обезбедуваме финансиска поддршка и да ѝ помагаме на Украина да го заштити населението, електраните и енергетската мрежа“, порача Макрон.



