Недела, 15 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Нови откажувања на летови во САД по дефектот во контролата на летање

Во САД и денеска продолжува хаосот во авиосообраќајот поради дефект во системот за контрола на летањето. Откажани се најмалку 910 летови, а бројката постојано расте, покажуваат податоците на платформата за следење на воздушниот сообраќај „ФлајтАвер“.

Проблемите траат веќе трет ден. Во саботата беа откажани повеќе од 6.400 летови, додека во петокот, кога Федералната управа за воздухопловство (ФАА) нареди привремена обустава на летовите на сите аеродроми во земјата, беа откажани над 9.000 летови. Поради дефектот, авионите повеќе од четири часа останаа приземјени.

Американскиот министер за транспорт Шон Дафи во саботата изјави дека причината не е сајбер-напад, туку технички проблем при замената на застарените бакарни кабли со оптички влакна во телекомуникациската мрежа. Според него, по инсталирањето нов рутер дошло до преоптоварување на системот за контрола на воздушниот сообраќај.

Дафи ја обвини телекомуникациската компанија Л3Харис за технички пропуст, но истрагата треба да утврди дали проблемот настанал поради грешка при инсталацијата или неисправна опрема.

Администраторот на ФАА, Брајан Бедфорд, изјави дека досега нема докази за злонамерна активност или поврзаност со вештачка интелигенција. Тој очекува системот целосно да се стабилизира до крајот на викендот, а авиокомпаниите да можат да ги воспостават редовните распореди на летови.

Во меѓувреме, гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, побара Дафи да поднесе оставка или претседателот Доналд Трамп да го разреши. Таа оцени дека повторените проблеми со комуникациските системи и недостигот од контролори на летање укажуваат на сериозни пропусти во американскиот воздухопловен систем.

Хочул побара и Конгресот да спроведе истрага за прекинот на воздушниот сообраќај. Таа посочи дека во петокот, кога дошло до дефектот, повеќе од 3.500 авиони веќе биле во воздух, а илјадници патници останале заглавени на аеродромите низ земјата.

Поврзани вести