Понеделник, 9 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Песков: Украина е поинаква држава, во географска смисла

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека, во географска смисла, Украина веќе станала поинаква држава. Неговиот коментар уследи по сугестијата на американскиот претседател Доналд Трамп дека мировниот договор би можел да резултира со промена на границите на Украина.

Москва продолжува да инсистира да се признаат нејзините претензии кон окупираните украински територии, вклучително и областите што сè уште се под контрола на Киев, пренесува „Киев пост“ (Kyiv Post).

На прашањето од новинар за изјавите на Трамп, Песков сугерираше дека секое појаснување за тоа што точно мислел американскиот претседател, треба да се побара од самиот Трамп.

„Што се однесува до изгледите за Украина, од географска гледна точка, таа веќе е поинаква држава. Реалноста на теренот е очигледна и тешко кој може да ја оспори“, изјави Песков.

Со овие коментари, тој го повтори долгогодишното барање на Москва дека контролата на Русија врз делови од Украина мора да се земе предвид за време на преговорите. Сепак, воената окупација не ги менува меѓународно признатите граници на Украина.

Трамп претходно изјави дека верува оти наскоро би можел да се постигне договор за ставање крај на војната. На прашањето дали очекува конфликтот да заврши така што Украина ќе остане слободна и независна, тој предвиде постигнување договор и навести дека територијалниот состав на земјата ќе се промени.

„Мислам дека ќе постигнеме договор и верувам дека тоа ќе се случи. На крајот, Украина ќе има донекаде поинаков облик“, рече Трамп. Тој додаде дека војната никогаш не требало да се случи. „Да бев јас претседател, таа никогаш немаше ни да започне“, изјави тој, повторувајќи го тврдењето што често го изнесува во врска со руската инвазија.

фото/ЕПА

Поврзани вести