ЛДП: За 48 часа собрани над 10.000 потписи за итно воведување електронски нараквици

За само два дена, повеќе од 10.000 граѓанки и граѓани ја потпишаа петицијата на Либерално-демократската партија (ЛДП) за итно воведување електронски нараквици за сторителите на семејно насилство, соопштија од партијата.
Според ЛДП, оваа масовна поддршка е директна порака за власта и за сите оние кои со месеци барале празни изговори, правдајќи ја својата незаинтересираност со некакви „недоработени решенија“ и „подетални анализи“.
„Додека парламентарното мнозинство во март го одбиваше овој закон и додека нивните коалициони партнери по телевизии оправдуваат „машки надзор“ и ги омаловажуваат жените, на терен се случуваат трагедии, а жртвите живеат во постојан страв. Народот во Македонија јасно покажа дека повеќе не прифаќа изговори што не држат вода! Техничката инфраструктура и уредите во системот за пробација веќе постојат – единственото нешто што недостасува кај власта е политичка волја да ги заштити човечките животи“, велат од ЛДП.
„10.000 потписи за 48 часа. Заедно успеавме. Во март по втор пат ми го одбија предлог-Законот и ни се случи нова трагедија и нова жртва. Оваа петиција не е само бројка, туку народен ултиматум до Собранието и Владата веднаш да ги сопрат партиските калкулации и без одложување да го изгласаме законското решение за електронско следење на насилниците“, изјави Моника Зајкова, претседателка на ЛДП и пратеничка во Собранието на Македонија.


