Прв генерален штрајк во Шпанија по 14 години: работниците бараат повисоки плати и попристапно домување

Денес низ цела Шпанија започна генерален штрајк, прв ваков протест во последните 14 години, организиран за барање повисоки плати, попристапно домување и подобрување на јавните услуги, а почетокот е обележан со блокади на патиштата и судири меѓу демонстрантите и полицијата, објавува RTVE.
Синдикатите CCOO и UGT, кои го организираа штрајкот со поддршка на други здруженија, објавија дека одзивот во првите смени бил масовен, наведувајќи дека прекинот на работата во одредени сектори достигнал 90 проценти.
Според податоците на синдикатите, штрајкот опфатил 90 проценти од вработените во автомобилската индустрија и пристаништата, 85 проценти во месната индустрија, 82 проценти во секторот за собирање ѓубре и 75 проценти во енергетскиот сектор.
Во Каталонија, демонстрантите блокирале повеќе од 30 сообраќајни точки, вклучувајќи го автопатот AP-7 и автопатот A-2, додека во Мадрид бил блокиран дел од обиколницата M-30 во близина на населбата Легаспи.
Во Меркамадрид, најголемиот центар за дистрибуција на храна во Шпанија, имаше интервенција од полицијата, а инцидентите завршија со апсење на едно лице и лекување на 13 повредени лица, кои добија модринки или иритација на очите поради употребата на бибер спреј, пренесуваат локалните медиуми.
Синдикатите ја обвинија полицијата за прекумерна употреба на сила и попречување на работата на информативните ударни пунктови. Слични инциденти беа регистрирани во гаражите за јавен превоз во Мадрид, Малага и Гранада.
Во Барселона, демонстрантите го блокираа пристапот до дистрибутивниот центар Меркабарна, каде што, според извештајот на шпанската јавна телевизија RTVE, запалија гуми и дрва, додека во некои делови од земјата имаше и повремени прекини во сообраќајот.
Железничкиот и градскиот превоз функционираат според намален режим. Во Мадрид и Барселона се воведени минимални нивоа на услуги, додека во железничкиот сообраќај, поаѓањата се закажани во согласност со пропишаниот минимум.
Генералниот секретар на синдикатот CCOO, Унаи Сордо изјави дека штрајкот не е мотивиран од претстојните избори, туку од долгогодишниот проблем со недостапноста на домувањето, особено за младите луѓе кои, како што изјави, не можат да си дозволат самостоен живот и покрај тоа што се вработени.
Тој процени дека решавањето на кризата со домувањето бара најмалку еден и пол милион станови со заштитени цени.
Штрајкот беше започнат по иселувањето на 87-годишната Марикармен Абаскал, која беше иселена од својот дом во септември и почина пред еден месец.
Одржувањето на генералниот штрајк предизвика и политички поделби во земјата. Владејачките претставници и левичарските партии го поддржаа протестот, додека опозициската Народна партија (ПП) и Вокс, како и работодавачите, ја критикуваа неговата организација, оценувајќи дека има политичка и изборна позадина.
Штрајкот се одржува 18 дена пред парламентарните избори закажани за 29 ноември.
Фото: ЕПА



