Рускиот амбасадор повикан на разговор откако проектил падна во близина на амбасадата на Холандија во Киев

Холандската влада денеска го повика рускиот амбасадор откако руски проектил падна во близина на холандската амбасада во Киев, предизвикувајќи помали оштетувања на зградата. Холандскиот министер за надворешни работи, Том Берендсен, изјави дека проектилот паднал зад зградата на амбасадата попладнево. Нема повредени лица.
Берендсен за холандската телевизиска мрежа RTL изјави дека инцидентот е неприфатлив и дека, како резултат на тоа, рускиот амбасадор е повикан на разговор во Хаг.
Руската амбасада во Холандија денеска соопшти дека станува сè потешко Холандија да се смета за обичен набљудувач во војната во Украина.
„Преку своите постапки, Хаг постојано ја продлабочува својата вклученост во конфликтот, придонесувајќи за негово продолжување и понатамошна ескалација“, наведоа од руската амбасада.
Претходно оваа недела, холандската компанија „Дестинус“ (Destinus) објави дека нејзините проектили биле единственото оружје произведено надвор од Украина што било употребено во украинскиот напад врз Кримскиот мост. Холандскиот весник NRC денеска објави дека вработени во „Дестинус“ биле присутни во Украина, каде што, наводно, ги тестирале беспилотните летала на компанијата врз руски цели. Од „Дестинус“ изјавија дека нивниот персонал ѝ пружал поддршка на украинската војска исклучиво во согласност со договорните обврски.
Сè уште не е познато дали постои некаква поврзаност помеѓу падот на рускиот проектил во близина на холандската амбасада во Киев и извештаите за активностите на „Дестинус“ во Украина.


