САД одобрија продажба на 500 ракети „Патриот“ на Украина за 2,1 милијарда долари

Американскиот Стејт департмент денеска одобри продажба на 500 ракети „Патриот ПАЦ-3“ на Украина, во зделка чија проценета вредност изнесува 2,1 милијарда долари, пренесува Ројтерс.
Според соопштението, Украина ќе ги плати ракетите со средства обезбедени од Канада, Германија и Норвешка преку американската програма „Џампстарт“, како и со средства од заемот на Европската Унија за поддршка на земјата.
Одлуката доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Киев и Вашингтон поради доцнењето на испораките на оружје. Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно неделава изјави дека земјата речиси еден месец чека американско одобрение за клучните ракетни системи, додека Русија ги засилува нападите врз енергетската и цивилната инфраструктура.
Зеленски повеќепати побара од САД да ги забрзаат испораките пред зимата.
Главен изведувач на договорот ќе биде американската компанија „Локхид Мартин“, која планира значително да го зголеми производството на ракетите „ПАЦ-3“. Според компанијата, новиот договор со американската армија треба да овозможи тројно зголемување на производствените капацитети до крајот на 2030 година.

