Кетрин Зета-Џонс му поставила услов на Мајкл Даглас на почетокот на врската, морал да им се јави на пет жени

Мајкл Даглас откри дека на почетокот на врската со Кетрин Зета-Џонс морал да престане да се гледа со пет други жени, откако актерката му поставила јасен услов доколку сака да бидат заедно.
Осумдесет и двегодишниот актер раскажал за тоа во емисијата „The Graham Norton Show“, а повеќе детали открил и во своите нови мемоари „One Helluva Ride“, пренесува „Пејџ сикс“.
„Додека ѝ се додворував на Кетрин, таа ми рече: ‘Ако сакаме да бидеме заедно, мора да станеш сериозен’“, се присети Даглас.
Кога ја запознал Зета-Џонс во 1998 година, веќе бил разделен од првата сопруга Диандра Лукер и истовремено се гледал со неколку жени.
„Тој ден ѝ се јавив на секоја од нив и ѝ кажав дека сум запознал некого и дека повеќе не можеме да се гледаме“, напишал актерот во мемоарите, додавајќи дека сите добро ја прифатиле веста.
Даглас и Зета-Џонс се запознале на Фестивалот на американскиот филм во францускиот град Довил, а се венчале во 2000 година во хотелот „Плаза“ во Њујорк. Имаат две деца, синот Дилан и ќерката Керис.
Нивниот брак поминал и низ тежок период, а во 2013 година накратко се разделиле. Сепак, Даглас во мемоарите истакнал дека никогаш не престанал да верува во нивното помирување.
„Ја сакам Кетрин како што никогаш не сум сакал друга жена. Таа е моја сопруга, најдобра пријателка и животна партнерка. Никогаш не би можел да ја изгубам“, напишал актерот.

