Северна Кореја го протера шефот на швајцарската дипломатска канцеларија

Северна Кореја го протера шефот на швајцарската дипломатска канцеларија во Пјонгјанг и му нареди да ја напушти земјата во рок од 48 часа, како одговор на потегот на Берн да воведе санкции врз севернокорејскиот меѓународен детски камп Сонгдоун, објави денес севернокорејското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се оценува дека овој потег на Швајцарија е отворено непријателски чин кон Северна Кореја, објави државната новинска агенција КЦНА.
Се известува дека Министерството за надворешни работи на Северна Кореја го повикало шефот на дипломатската канцеларија на Швајцарија, Силван Астије, и му предало меморандум со кој барало да ја затвори канцеларијата.
Исфрлањето се случило помалку од еден месец откако швајцарскиот министер за надворешни работи Инасио Касис официјално ја отвори дипломатската канцеларија во Пјонгјанг.
Северна Кореја ја осуди Швајцарија во вторникот за ставање на детски камп на листата на санкционирани субјекти, врз основа на тврдењата на западните земји дека кампот бил вклучен во трансферот на деца од областите на Украина под руска контрола.
„Санкциите претставуваат кршење на суверенитетот на Северна Кореја бидејќи ја лишуваат од нејзината обврска – да им обезбеди на децата можности за културни и рекреативни активности“, изјави сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, Ким Јо Џонг.
Во понеделникot, Ким Џонг-ун лично ги прими акредитивните писма на новите амбасадори од 10 земји, вклучувајќи ги Русија и Шведска, за време на церемонија во Пјонгјанг, според Танјуг.
Ким рече дека Северна Кореја сака да ги прошири односите со земјите што го почитуваат нејзиниот суверенитет.



