Сабота, 17 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

„Станав и мајка и татко“: Мајка на осум деца се бори за преживување во Египет, додека сопругот е заглавен во Газа

17.10.2026, 19:30

Војната во Појасот Газа раздели бројни семејства, а некои од оние што успеале да заминат во Египет и понатаму не можат да им се вратат на своите најблиски. Меѓу нив е Видaн Абу Матар, мајка на осум деца, која во ноември 2023 година ја напуштила Газа за да побара медицинска помош за својата ќерка Нур. Нејзиниот сопруг Хатем останал во Појасот Газа, повреден и со ограничена подвижност.

Според сведоштвото што го пренесува британскиот весник „Гардијан“, семејството живеело во бегалскиот камп Нусеират кога на 17 октомври 2023 година израелски напад погодил зграда во близина на нивниот дом. Видaн и сите членови на семејството биле повредени.

„Седевме заедно и требаше да почнеме со ручекот кога започна бомбардирањето. Таванот се урна врз нас. Сè потона во темнина. Не можев ништо да видам. Само почнав да ги повикувам синовите и ќерките“, раскажала Видaн.

Децата на лекување, семејството разделено

Најтешко била повредена петнаесетгодишната Нур, која се здобила со фрактура на черепот и крвавење во мозокот. Петгодишната Амна претрпела тешки изгореници на градите, а членовите на семејството по нападот биле разделени и сместени во различни болници.

Нур поминала околу 33 дена на интензивна нега, а мајка ѝ постојано била покрај неа. Амна и тригодишната Ајсел се лекувале во друга болница.

На 30 ноември 2023 година, Видaн отпатувала со Нур во Египет. Месеците што следувале, членовите на семејството биле расфрлани на различни места додека добивале медицинска помош или престојувале кај роднини. Подоцна, Видaн успеала да ги собере децата во стан во Египет, но разделеноста од сопругот останала нејзината најголема грижа.

„Станав и мајка и татко на моите деца. Одговорноста ме исцрпува, а постојано се грижам за сопругот“, рекла таа.

Хатем сега живее во шатор во Нусеират. Поради повредата на ногата тешко се движи и не може да работи. Семејството се соочува и со финансиски проблеми. Видaн нема постојани приходи и се потпира на донации, додека Хатем, според нејзините зборови, веќе десет месеци не прима плата.

Таа вели дека понекогаш нема пари ниту за лековите што ѝ се потребни на Нур, ниту за превоз на петте деца до училиште.

„Од страна гледам како иднината на моите деца ми се лизга пред очите, а не можам ништо да направам“, изјавила Видaн.

„Чекам да дојде денот кога повторно ќе бидеме заедно“

Слична неизвесност преживува и палестинскиот фоторепортер Сами Абу Табак, кој во април 2024 година ја напуштил Газа, оставајќи ги таму своето семејство и свршеницата Ола.

Нивната свадба била планирана за ноември 2023 година. Се запознале случајно, кога Сами ја избрал куќата на нејзиното семејство како место за фотографирање. Пред војната поминувале многу време заедно и го подготвувале домот во кој планирале да живеат по венчавката.

На почетокот на војната, Сами го напуштил домот во Тал ел Заатар, во Џабалија, заедно со семејството. Куќата била тешко оштетена, а подоцна уништена, исто како и домот што го подготвувале со Ола.

Кога неговата сестра одлучила да замине на југ со своите деца, Сами тргнал со неа, но не успеал да стапи во контакт со свршеницата за да се збогува.

Со денови, а понекогаш и со недели, не знаел дали Ола и нејзиното семејство се живи. Откако слушнал извештаи за бомбардирање на станбен блок во близина на нејзиниот дом во градот Газа, го замолил брат му да провери што се случило. На крајот дознал дека тие преживеале.

Сами се обидел да организира и Ола да ја напушти Газа и да замине во Египет, но таа не успеала да стигне до јужниот дел на Појасот Газа и граничниот премин Рафа.

„Ми рече: ’Ти оди, јас ќе ти се придружам.’ И еве нè, сè уште чекаме“, раскажал Сами за „Гардијан“.

Додека тој е во Египет, Ола успеала да ги заврши додипломските студии по медицинска нега на Исламскиот универзитет во Газа, и покрај војната. Сега аплицира за стипендии во странство, надевајќи се дека образованието ќе ѝ овозможи да го напушти Појасот Газа и повторно да се сретне со свршеникот.

Сами вели дека животот во Египет му е обележан со осаменост и непроспиени ноќи.

„Осаменоста ме убива секој ден. Животот далеку од жената што ја сакам и од моето семејство е неверојатно тежок“, рекол тој.

Иако во Египет е побезбеден отколку во Газа, му е тешко да ужива во секојдневниот живот додека неговите најблиски остануваат во воената зона.

„Се молев: ’Боже, те молам, повторно спои нè наскоро.’ Едно знам со сигурност: ќе ја чекам до крајот на животот, сè додека Бог повторно не нè спои“, порачал Сами.

Поврзани вести