Недела, 15 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Трамп бара итни милијарди за нов систем за контрола на летање по хаосот со 20.000 откажани и одложени летови во САД

Американскиот претседател Доналд Трамп побара од Конгресот итно да одобри дополнителни средства за модернизација на системот за контрола на воздушниот сообраќај, откако голем технички дефект во петокот речиси пет часа ги запре полетувањата низ САД и предизвика хаос во авиосообраќајот.

Трамп оцени дека застарената инфраструктура мора да се замени одеднаш, наместо да се поправа постепено, а за повеќегодишното доцнење во модернизацијата ја обвини администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден.

„Ако Конгресот ги одобри неопходните средства за контрола на воздушниот сообраќај, можеме брзо и ефикасно да изградиме најдобар систем во светот“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Трут соушл“.

Според Ројтерс, повеќе од 20.000 летови биле откажани или доцнеле поради дефектот. Иако забраната за полетување траела речиси пет часа во петокот, последиците се чувствувале и во текот на викендот, бидејќи авионите и екипажите останале на погрешни аеродроми.

Ова е втора национална обустава на полетувањата поради технички дефект од терористичките напади на 11 септември 2001 година. Претходниот таков случај се случи во јануари 2023 година, кога дефект во системот за известување на пилотите предизвика проблеми со околу 11.000 летови.

Сомнежи за дефект на мрежен уред

Американскиот министер за транспорт Шон Дафи соопшти дека причината за последниот инцидент најверојатно е поврзана со мрежен уред за пренасочување на сообраќајот, поставен од компанијата „Л3 Харис“ во рамки на модернизацијата на комуникациската инфраструктура.

Уредот почнал да испраќа повеќе од 1.000 барања за поврзување на секои четири до пет секунди, со што ја преоптоварил мрежата. Проблемите погодиле 17 од вкупно 22 регионални центри за контрола на летови.

Истрагата треба да утврди дали станува збор за неисправен уред или грешка при неговото инсталирање. Засега нема докази дека дефектот бил предизвикан од хакерски напад.

Потребни се десетици милијарди долари

Американскиот Конгрес веќе одобрил 12,5 милијарди долари за обновување на застарениот систем. Белата куќа и Министерството за транспорт побарале дополнителни 30,1 милијарда долари, додека Дафи смета дека инвестициите треба да достигнат и до 50 милијарди долари.

Застарената опрема со години е проблем за американската контрола на летање. Дел од мрежните уреди се стари околу 25 години, а Федералната управа за воздухопловство сè уште користи дискети, стари компјутери и резервни делови што се набавуваат преку интернет.

Министерот Дафи смета дека проблемот не може да се реши со поединечни поправки, туку е потребна целосна обнова на комуникациската мрежа, радарските системи и компјутерската опрема.

Поврзани вести