Недела, 15 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Средношколци и студенти во пет хрватски градови најавија бојкот на наставата – бараат поевтин живот, достапни станови и подобро здравство

Средношколци и студенти во Загреб, Риека, Пула, Задар и Осиек во петок, на 20 ноември, ќе ја бојкотираат наставата во текот на целиот ден, во рамки на меѓународниот штрајк на младите. Со протестот сакаат да привлечат внимание на високите трошоци за живот, недостапното домување, состојбата со јавните услуги и милитаризацијата.

Штрајкот го организира иницијативата „Штрајк на младите во Хрватска“, како дел од меѓународното движење „International Youth Strike“, кое под слоганот „За нашата иднина, а не за нивните војни“ најави протести во 25 европски земји.

Организаторите бараат подостапни станови за младите, намалување на животните трошоци и подобрување на здравството, образованието и науката. Меѓу нивните барања се и демилитаризација, заштита на животната средина и спречување на идни еколошки катастрофи.

„Со целодневниот бојкот на наставата сакаме да испратиме јасна порака до јавноста и Владата – младите сакаат иднина во Хрватска, овозможете ни ја!“, порачаа организаторите.

Во штрајкот треба да се вклучат ученици и студенти од повеќе средни училишта и факултети во петте градови. Точниот список на образовните установи сè уште не е објавен, а организаторите најавија дека ќе го соопштат во пресрет на протестот на нивниот профил на Инстаграм.

Тие истакнуваат дека бојкотот на 20 ноември нема да биде еднократна акција и дека ќе продолжат со протестите.

„Нашиот штрајк започнува на 20 ноември, но не планираме да застанеме на еден ден и еден штрајк. Сакаме упорно да се бориме за нашата иднина“, порачуваат младите.

Поврзани вести