Украина: Русија од почетокот на инвазијата загубила над 1,6 милиони војници

Русија од почетокот на инвазијата врз Украина загубила 1.641.489 војници, соопшти денеска Генералштабот на украинските вооружени сили. Според украинските податоци, само во последните 24 часа руските сили претрпеле загуби од 1.848 војници, пишува „Киев индепендент“.
Украинскиот Генералштаб кон крајот на минатиот месец соопшти дека октомври бил месецот со најголеми регистрирани руски загуби од почетокот на инвазијата.
Според истиот извештај, Русија досега загубила и 12.493 тенкови, 25.952 оклопни борбени возила, 52.786 артилериски системи, 452 авиони, 356 хеликоптери, 36 бродови и чамци и две подморници.
Украинскиот Генералштаб не објавува редовно податоци за сопствените загуби, повикувајќи се на оперативна тајност.
Според процените на американскиот Центар за стратегиски и меѓународни студии (ЦСИС), Украина од февруари 2022 до декември 2025 година претрпела загуби од 500.000 до 600.000 војници, од кои меѓу 100.000 и 140.000 загинале во борбите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 4 февруари годинава изјави дека од почетокот на војната загинале најмалку 55.000 украински војници, а голем број се водат како исчезнати.
Податоците за воените загуби не се независно потврдени.

