Украина со масовен напад врз Русија: Москва тврди дека соборила над 1.000 дронови за една ноќ

Повеќе од десет руски региони, меѓу кои и поширокото подрачје на Москва, биле цел на масовен напад со украински беспилотни летала во текот на ноќта. Руските власти соопштија дека противвоздушната одбрана соборила повеќе од 1.000 дронови.
Нападот се случил само еден ден откако Москва објави дека уништила повеќе од 1.200 украински беспилотни летала. Според градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, повеќе од 500 дронови се движеле кон поширокото подрачје на главниот град, од кои 105 биле соборени во непосредна близина на Москва.
„Повеќето ги неутрализираа силите на противвоздушната одбрана на Министерството за одбрана уште на оддалечените приоди“, напиша Собјанин на руската државна платформа „Макс“.
Воздушните напади меѓу двете земји се интензивираат во изминатите месеци, додека војната се приближува кон петтата година. И покрај редовните размени на заробеници, дипломатските напори за ставање крај на најтешкиот европски вооружен конфликт од Втората светска војна досега не резултираа со конкретен мировен договор.



