(Видео) Голем неуспех на вселенска мисија: Ракета што носела 40 сателити на „Амазон“ претрпела дефект

Ракетата „Вулкан“ на американската вселенска компанија United Launch Alliance (ULA) – заедничко вложување на Boeing и Lockheed Martin – претрпе дефект околу десет минути по лансирањето од Флорида. Поради проблем за време на летот, ракетата не успеа да ги постави во орбита 40-те сателити наменети за сателитската интернет-мрежа на „Амазон“, LEO, која се наоѓа во ниска орбита околу Земјата.
Ова е првото неуспешно лансирање во историјата на ULA, компанија основана пред две децении. Точната причина за дефектот сè уште не е позната.
Голем удар за компанијата
Неуспешното лансирање претставува сериозен удар за компанијата, која планираше да ја користи ракетата „Вулкан“ за редовно лансирање сателити за растечката интернет-мрежа на „Амазон“.
По инцидентот, од ULA потврдија дека за време на летот настанал проблем, што ја спречило ракетата да ја заврши својата мисија.
„Врз основа на податоците добиени од нашиот директор за лансирање, можеме да потврдиме дека ракетата ’Вулкан‘, лансирана од комплексот за вселенско лансирање 41, претрпе аномалија десет минути по полетувањето, што ја оневозможи испораката на сателитите на ’Амазон‘ во орбитата“, соопштија од компанијата.
Причината за дефектот сè уште непозната
Од ULA наведоа дека е прерано да се зборува за причините за неуспешното лансирање и дека околностите ќе можат да се утврдат дури по анализа на податоците собрани за време на летот.
„Секој лет обезбедува нови податоци и од секој лет учиме нешто ново. Бидејќи инцидентот штотуку се случи, сè уште немаме конкретни податоци врз основа на кои би можеле точно да утврдиме што се случило денес“, истакнаа од компанијата.

