(Видео) Најмалку шест лица загинаа поради циклонот во Индија

Најмалку шест лица загинаа, а снабдувањето со електрична енергија во неколку области долж источниот брег на Индија и денес е во прекин – еден ден откако циклонот „Арнаб“ го зафати регионот, носејќи обилни дождови и силни ветрови – соопштија официјални лица.
Весникот Times of India, повикувајќи се на локални претставници, извести за девет смртни случаи предизвикани од струен удар, уривање на куќи и паѓање на дрвја. Претставник на владата на сојузната држава Андра Прадеш изјави дека официјалниот број на загинати изнесува шест.
Циклонот „Арнаб“ – кој Индискиот метеоролошки завод го класифицираше како „многу силна циклонска бура“, што е трета највисока категорија – вчера рано наутро стигна до копното во Андра Прадеш. Циклонот оштетил најмалку 15.000 столбови за електрична енергија, изјави главниот министер на Андра Прадеш, Нара Чандрабабу Наиду, во соопштение за јавноста.
Брод насукан на брегот, евакуирани речиси 200.000 луѓе, откажани услуги…
Снабдувањето со електрична енергија е обновено во повеќето окрузи, со исклучок на Конасима и Западен Годавари, се наведува во соопштението. Товарен брод што плови под знамето на Маршалските Острови, со 20-член екипаж, се насука во близина на брегот на Андра Прадеш; надлежните изјавија дека бродот денес не може да го продолжи патувањето поради немирното море.
Повеќе од 180.000 луѓе беа евакуирани од сојузните држави Андра Прадеш и Одиша пред пристигнувањето на циклонот. Некои училишта беа затворени, а одредени железнички и авионски линии беа откажани. „Арнаб“ се формираше над Бенгалскиот Залив, каде што често настануваат тропски циклони кои предизвикуваат смртоносни бури на источниот брег на Индија, пишува Ројтерс.

