Петок, 6 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Во Србија уапсени осум полицајци поради смртта на братот на обвинетиот за убиството на Данка Илиќ

Во Србија се уапсени осум полицајци поради сомнение дека се поврзани со смртта на Далибор Драгијевиќ во полициската станица во Бор. Тој бил брат на Дејан Драгијевиќ, еден од двајцата обвинети за убиството на двегодишната Данка Илиќ, пренесува „Нова.рс“.

Според неофицијални информации, Вишото јавно обвинителство во Ниш би можело да наложи дополнителни апсења. Уапсените се припадници на Одделението за специјални акции при Управата на криминалистичката полиција.

Далибор Драгијевиќ бил уапсен на 6 април 2024 година, под сомнение дека му помогнал на братот да го сокрие телото на девојчето. Починал следниот ден за време на полициското задржување.

Иако српското Министерство за внатрешни работи првично соопштило дека починал од природна смрт, обдукцијата покажала дека смртта настапила како последица на тешки телесни повреди, меѓу кои скршени ребра и бројни подливи по телото, јавуваат медиумите.

Апсењата следуваат откако минатата недела во Вишиот суд во Неготин започна судењето на Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети за тешко убиство на Данка Илиќ, која исчезна на 26 март 2024 година во Бањско Поле кај Бор. Нејзиното тело сè уште не е пронајдено.

Двајцата обвинети ја негираат вината и тврдат дека првичните признанија им биле изнудени со физичко насилство и закани. Обвинителството за нив бара доживотен затвор.

Поврзани вести